Вечерва почнува 33. Поетска ноќ во Велестово

Од вечерва  до 22 август ќе се одржи 33-та Поетска ноќ во Велестово, а ќе биде посветена на поезијата на Ристо Лазаров и на творештвото на охридските уметници Славко и Никола Упевче.

  Заедничката изложба насловена „Татко и син Упевче (цркви и мозаици)“ ќе биде поставена на отворен простор и во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во с. Велестово. Во таа пригода ќе биде откриен мозаикот на кој е претставено логото на манифестацијата, а го изработи Никола Упевче. Беседа за Ристо Лазаров ќе одржи Димитар Пандев, а негови стихови ќе интерпретира Ивица Цонев. На гитара ќе настапи музичарот Мартин Милески.

 Интернационалното читање ќе се одржи на 21 август со почеток во 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид со поезија од Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, Надија Реброња од Србија и Андреј Ал-Асади од Македонија. Заради ситуацијата со корона-вирусот поетесите од Исланд не можеа да нѐ удостојат со своето присуство, па ќе ни се претстават преку видеопроекција.

 Последната вечер насловена „Поезија ‒ Залез“ ќе се одржи на 22 август, со почеток во 18 часот на локалитет во Велестово, а ќе читаат поетите Д. А. Лори, Надија Реброња, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади. И годинашново издание на манифестацијата ќе се одвива според препораките и протоколите за заштита од ковид.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална Банка.