Три песни од Андреј Ал-Асади ‒ учесник на 33. Поетска ноќ во Велестово

 
Утеха за босите
 
Слободата не е
Да можеш што сакаш да правиш во светот
Туку со себе
Да му се насмевнеш в лице на мракот
И да ги претекнеш сите желби
Да разбереш
Оти солената архитектура на срцето
Е само слика на четирите страни на светот
Ти си ништо, а имаш
Подол си, а љубиш
Слободата е филозофија на искреноста
Нешто што не се повикува
Туку до коешто мора да стигнеш
Предавство на два-тројца мили
Збогум со досегашното „јас“
И бес и втас
И бесрамен кас
И бркотница
И рапав срам
Та-та-та-рам
Како потемна ноќ за посветол ден
Та-та-ра-там
Да пееш
Да танцуваш
Да-ри-ди-дам
Да умираш сам
Да видиш бел пупунец дур умираш
Слободата е нешто до кое штом стигнеш
Се смееш и ништо не чувствуваш...



„Центарот на светот“
  
Некогаш
Со восхит си спомнував на првиот борец
Што танцуваше над мртвиот плен
И со стап, полека ги исцрта четирите страни на
светот
За нас
За Хаосот
И непокорливиот копнеж
Се сеќавав и на дедо ми
Што сѐ уште ги чува шапката и коланот
Ако има нова војна
И тивко се поклонував пред камените бисти
Кои го вардат минатото
Од заборав
Но, никогаш поинаку
Никогаш не помислив
Дека темнината може
Да си е доволна самата на себе
И дека секоја потрага е залудна
Секој допир без смисла
Дека не постојат херои
Освен во самите нас.


 
Милост за последниот ден
 
Калемам воздишки врз грбот на ветрот
Полни молбен крик
Што ќе допатуваат до тебе
Низ простор и време
Да те будат од сон
На семе што пишти в сува река
Да се вратиш назад каде чемерот
Што почнува
Да се глода самиот себе.
Ако е вистина
Отвори очи и вивни се
Меѓу златни плевели
Каде што ѓакони го учат плачот на мазгите
До округли села, патишта и градови
И овчарите по ридови полегнати.
Помини низ пустини
Каде што испосници аронија колват
Да скубнеш палестинска гранка
Што цвета в денот летен
Најди ги и тие кои научија
Како луѓе збрани да тешат
Кои на гурбет куд влечат
Во бели платна зад себе.
Ако е вистина
Спомни им за мене
– Минлив звук на едно провидение
И ќе те бакнат
Во црната дамка врз челото.
 
 

 
 
Андреј Ал-Асади (Лондон, 1996). Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (Антолог, 2014), „Под дрвишовото сиќе“ (ПНВ Публикации, 2018), со која влегува во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

За збирката раскази „Друго минато“ во 2018 година ја добива наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Тепмлум“. Во 2019 година ја издава стихозбирката „Небесна Геометрија“, издание на „ПНВ Публикации“, со која исто така влегува во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.

Андреј Ал-Асади учествувал на бројни читања, перформанси и други културни настани во Македонија.