Три песни од Сашо Огненовски – учесник на 33. Поетска ноќ во Велестово

ШУМОЛЕЊЕТО НА ДОЖДОТ

Пак минуваме низ кривоклетните вакафи и се згадуваме,
Се намовнуваме, се загрнуваме со кратки раце,
Се погледнуваме еден со друг и се пребројуваме.
Сами, иако недобројни, никогаш непребројани
Ете пак во непрегледна ширина
пекаме за скали, трем и одаја.
Наша непребол во време на чекање.
Чекаме подолго од Владимир и Естрагон
 иако тие уште чекаат.
Како ќе се сфатиме ако се залажуваме и тогаш
Кога точно знаеме дека за нашата сегашност
Смртта е само лек, а на раѓањето
веќе никогаш нема да помислиме.
 
Има една куќичка на работ од оваа бескрајна рамнина.
Со трем, со скалила, со одаја. Со луѓе од луѓе родени.
Има една сончевина и водопад недалеку,
Има еден облак кој се снебива дали да се приближи,
Има и смеа и солзи, има и „добро утро“ и „добра ноќ“,
Има се, има и измислена катадневност во оваа замаглица.
 
Ние застануваме. Дождот продолжува да шумоли.
 

 
МАЧЕЊЕ

Ако моето Ab Ovo има само еклектичка сигурност,
Тогаш ќе морам да се помирам со судбината на измислен,
На недефиниран, на неодлучен, на дезориентиран.
Посланието на моите предци се собира на „едикојси“,
Јас останувам сингулар и љубезно пелтечење кое
Го покрива музика или џагор.
Себеоткривањето е „ад акта“, а интелектуалната сопственост
Нешто што сите во далеките комодитети велат
Само „така-така“, или „баш-така.“
Мојата достага станува
колективна матрица на индолентност,
А мала надеж останува во
 општата разбрануваност на духовите,
Но тоа се претопува во патриотските погалувања
И иронијата на глобалните предодредености.
Никогаш не сум помислувал дека мојот алтернативен
            Простор ќе биде лингвална шега и дека ќе гинам
Во општост веднаш штом ќе сфатам дека искреноста
Е карта во еден правец.
Уште малку и ќе биде нов ден, нова замена за вистината,
Нова промена на единствениот количник на себеопфатеноста.
Уште само малку...
 

 
БДЕЕЊЕ

Темен облак не се задава толку лесно...
Нема крвави долови и суви гранки
 полни со искината облека,
Нема ни барутен чад,
 ни испуштен добиток по кривите патчиња.
Има бессона матрона загубена во грмушките
На планинскиот превој сега веќе без име
Без анализи на оставени документи од
Заборавени шупи кои имале среќа да го
Избегнат палежот.
 
Нема темен облак оти нема поезија за пијанки,
Нема ни таму долу, оти од ова нема подолу ...
Нема одмор од препрочитувања,
Има бесчувствително бдеење оти и сонот веќе
Не ни е фантазија, ами само страв од смрт.
 
Оние што бдееле знаат дека кога римата не може
Да се испее, таа е смешен капитал без историја.
 
 
 
 
Македонски писател и комуниколог. Неговата книжевна библиографија вклучува пет стихозбирки (Лавина, 1995; Плодовите на пеколот, 2014; Пустински цвет, 2015; Шума, 2018; Менување на минатото, 2019), две книги со детски пиеси (Обична бајка, 2002; Магичен компас, 2011), две пиеси за возрасни (Тага, 2012; Тврдина, 2016) и два романа (Сивиот плоштад, 2019; Турнеја, 2020), како и голем број трудови од областа на комуникологијата, семиотиката, мултикултурализмот, театарот објавени во разни списанија и презентирани на голем број конференции низ светот (Гетеборг, Осло, Милано, Белград, Скопје, Нови Сад, Лондон итн.) Неговата последна пиеса „Тврдина“ е објавена на англиски јазик од страна на издавачката куќа „Лулу“ од Јужна Калифорнија, САД, додека неговите детски пиеси се објавени на српски јазик од страна на издавачката куќа „Алма“ од Белград.

Пишува осврти, есеи и колумни за македонски, српски и англиски портали. За неговата поезија е добитник на наградата ИВА БОГДАНИ од Приштина, Косово и наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи. Неговите дела се преведени на англиски, на српски, на албански, на индиски и на арапски јазик. Главен и одговорен уредник е на книжевното списание „Книжевни елементи“ и на веб-списанието „Елементи“.
 
 

Поврзани блог статии