Три песни од Кристин Омарсдотир (Исланд) – учесничка на 33. Поетска ноќ во Велестово

 
ТРИ ПОЕTЕСИ
 
Три поетеси
во бели градници
седат околу ниска
тркалезна маса.
Со книги в раце.
 
Маж облечен во пиратски џемпер
влегува низ вратата
од снежна бура и седнува
до женската маса.
 
Го соблекува џемперот.
 
Кога ќе допре
една од нив
тие се веќе мртви.
И не оживуваат.
Сепак, ги очекуваат неговите бакнежи.
 
Тогаш тој станува,
ја потфаќа допрената
и ја изнесува.
 
Струењето на воздухот
при отворањето и затворањето на вратата
ги врти страниците на книгите
од сите три.
 

 
КЕЛНЕРКА ВО ЕСЕН
 
 
ја брише крвта од своето лице
(мечот)
ја плакне престилката во студена студена вода
(во синиот мијалник)
ја остава престилката
 
утринската роса бара одговор
за да се исуши
 
излегува
 
*
 
дали таа убила или била убиена
не е важно
 
*
 
есенскиот воздух е пријатен во подножјата
чист како водата во езерцето на вистината
 
утринската роса почива
врз нејзиниот син образ



 
v.
 
Срцето ми бие
во твојата дланка
и само таму.
 
Препукнува!
во твојата дланка
  ̶ само таму.
 
*
 
Миропомази ми ги сонот
и дојката
со твојот јазик
 
и ветувања
за внимателни
прсти.
 
*
 
И пофали ме!
речи:
  ̶  добро правиш   ̶
 
и пофали ме!
во сон
во сон
со тебе:
 
  ̶  дека не одам низ
шуми
барајќи те,
 
со тебе   ̶ .
 
Дојди поблиску,
земи ми ја и
главата!
 
на мојата мисла
подај ѝ рака
допри ја мојата нежност,
 
и пофали ме!
и дозволи ми
да спијам
под тебе.
 
Препев од англиски: Јулијана Величковска


 
Кристин Омарсдотир е исландска писателка, поетеса и драматург. Родена е во 1962 г. во Рејкјавик, детството го поминала во Копенхаген и во Хапнарфјердир. Со својата прва претстава напишана во 1985 г. ја освоила првата награда на натпреварот за пишување драми од Националниот театар на Исланд, по што следуваат уште неколку награди за нејзините прозни, драмски и поетски текстови.

Автор е на четириесетина книги, од кои осум се стихозбирки, а нејзините книги се преведени на дански, на англиски, на фински, на француски, на германски, на шведски и на други јазици. Нејзиното творештво игра значајна улога во исландската, но и во европската литература. Избор од нејзиниот поетски опус во кој се вклучени 30 години од нејзиното творештво објавено во сите нејзини стихозбирки од првата до последната во 2017 г. наскоро ќе биде објавен и на македонски јазик.