Неколку песни од Сигурбјорг Трастардотир (Исланд) – учесничка на 33 Поетска ноќ во Велестово

достава до дома
 
човек со точак
ми влегува во дневната соба
од големите уши му капе
масло за коса
има голем нос и скинати ногавици
слегува од точакот
има голема уста, а не вели ни збор
маслена дамка на подот
можеби престанав да ги разбирам луѓето, ама
што сака овој човек?
помислувам да го понудам со сок од јаболко
и тогаш ја нарушува тишината
со шашливите очи разгледува наоколу и вели:
да, вие нарачавте револуција?

 


Измивање
 
Под одреден сноп светлина од
светилката во бањата изгледам исцрпено
како мојата прапрапрабаба
што имаше осум деца на оваа возраст и
си беше супер, деветтото дете почина
од туберкулоза, ја слушам Џoан Баез
од метален предмет во дневната соба и
си драматизирам со брчките за разонода оти
знам дека овие долини
под очиве ми се од
планината над селската црква
на баба ми која си беше супер и
се мачкам себеси со синкави креми, мерам
забен конец во големина на дланката
од проѕирно кутиче и го
гасам светлото како што
таа
би сторила за да штеди

 


директни описи
 
 мислам дека сè
што може да се каже за океанот
е веќе кажано
 
сакам да го заменам зборот рај
со меше
 
не се согласувам
дека очите искрат
мислам дека пловат
 
не мора да е тоа на крајбрежјето
(оти бесмислено е да се алудира на океанот)
порадо би си дремнала
под непознато меше
и малку повеќе размислувам за нафтените ресурси
 
имам убодна рана на левиот бут
што не можам да ја опишам
 
другар ми еднаш имал
операција на слепо црево
и рече дека било
како
пораѓање



 
Свршувачка
или Nobody knows where my Johnny has gone
 
 Сѐ што се создало мора еднаш да се
раздвои
 
карпата пука
создавајќи
процеп
дланка од дланка се двои
 
мостот
се отвора
на првата бродска сирена
наспроти сите ветувања
 
  ̶ сите работи што едно на друго
си припаѓаат
се измолкнуваат двоејќи се, инаку животот би бил забавен

 

Реквием
 
 Сите луѓе од хоров
ќе се разделат
како и душите од службите
што ги пеат;
сите душници
ќе се
извиткаат и ќе пукнат на две,
јаболчниците ќе се разјадат
и дијафрагмите ќе потонат во почвата, но
не додека
не настапат со
уште едно парче или
две или осумстотини пред
сали полни ’рскавица и закуски оти
сѐ додека мрда месово
важно е да се држиме
заедно

 

Сама на грчки остров I
  
Грција е црно-бела
го видов тоа
во филмот за Зорба
и врне
толку силно
што траектите се одложуваат
до десет часот
 
сепак не е точно
како што често се тврди
дека убавите луѓе
таму умираат
од бурниот аплауз
на грдите
 
всушност тоа често се случува
но никогаш овде

 

Си ги бришеме солзите
  
Ете
сантите мраз
уште
еднаш
одат на
штрајк со глад
 
(и си ги бришеме нашите
тмурни
солзи)
 
„Овде е местово пусто, а и доцна е.“[1]



[1] Заб. на прев.: Евангелие по Марко 6:35





 
Сигурбјорг Трастардотир (Исланд, 1973) е автор на осум стихозбирки, два романа, неколку збирки со ултракуси раскази и неколку изведени драми.

Нејзината стихозбирка „Маршови на факли“ (Blysfarir) била номинирана за Наградата за литература од Нордискиот совет во 2009 година, а ја освоила Исландската награда за литература за жени  ̶ Fjöruverðlaunin. Потоа била објавена во Германија и во Шведска.

Нејзините песни се преведени на десетина јазици, од фризиски до француски јазик. Соработува со многу фотографи и композитори и редовно пишува колумни за неколку електронски и печатени весници во Исланд.
 



Препев од англиски: Јулијана Величковска 

 

Поврзани блог статии