Неколку песни од Ивана Јовановска – учесничка на 33. Поетска ноќ во Велестово

ПРОЛЕТ
 
 
Ќе дојде пролет
Кога на Мајката што ја газиме
болките ќе ѝ ги простиме,
кога на бетонските деца
ќе им се поклониме.
Кога ќе земеме здив,
за да се поздравиме
со налутените страни на светот.
 
Пролет ќе дојде само кога од Блискиот Исток
Сонцето ќе го позајмиме.
 
 
 
 
 
КОГА БАБА МИ ГО ОПЛАКУВА ДЕДО МИ
 
Кога баба ми го оплакува дедо ми
силно невреме надоаѓа од север
и тежок град се истура врз ситните ќерамиди.
Удира со бес и тропа дури не го здоболат плеќите.
Се повлекува поразен.
Животот по улиците останува нем.
А потоа, ни станува јасно колку боли крајот.
Продолжуваме молчаливо да љубиме,
поинаку,
повеќе.
 

 
ПОТРАГА
 
 
Те пребарав низ сите градини,
низ сите ходници, соби и шпајзови.
Се протнав во сите тунели
што ме носеа до нашиот свет.
 
Ги истражив дупките на ѕидовите,
фрлајќи сто погледи
кон темните и мирни гнезда на бетонските мисли.
 
Си реков:
тешко е човек да те пронајде,
но барем двајцата успешно губиме
во оваа игра на потрага
со еден недостиг по другиот.


 
  
Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедра­та за општа и компаративна книжевност на Филолош­киот факултет „Блаже Ко­нески“ — Скопје. Учествува­ла на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистички­от фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјалниот центар „Дуња“ и др.

Нејзините песни се објавени во: списанието за литература „Современост“, порталот за книжевност и култура „Окно“, електронското списание „Репер“, платфор­мата за поезија и книжевност „Фуснота“, интернет платформата „100 000 поети за промена“, порталот за феминистичка култура „Медуза“ и во е-списа­нието на студентите на Филолошкиот факултет „In Medias Res“. Аматерски се занимава и со уметничка фотографија.

„На ракавот на градот“ е нејзината прва сти­хозбирка.