Вртолум - денот кога Сонцето се врти кон зима

 Денес е Св. апостоли Вартоломеј и Варнава. Ден кога се врти Сонцето. Во народното верување посебно важен празник се смета Вртолум, денот кога сонцето се врти кон зима. Се верува дека тоа е тежок празник кога не се работи.
 
Вартоломеј е еден од 12-те врховни апостоли, а Варнава од останатите седумдесет. Вартоломеј проповедаше заедно со апостол Филип во Азија, а потоа и во Индија и Ерменија, каде пострада маченички. Неговите мошти се зачувани, а подоцна пренесени најпрво во Беневет, па во Рим. Свети Варнава, пак, се роди на островот Кипар. Беше Евреин од Левиевиот свештенички род. Прво се викаше Јосиф, но апостолите му го дадоа името Варнава, што значи Син на утехата. Заедно со свети Павле и Марко проповедаше во Антиохија и на други места во Азија, потоа на Кипар. Веројатно е прв проповедник и во Рим и Милано. Животот го заврши маченички на Кипар. Пострада од Евреите.

 Кај нашиот народ овој ден е поврзан со верувањата за вртењето на времето од лето кон зима и со вртењето на Сонцето. Така дошло и до адаптирање на името Вртолом. Како што запишал Ефтим Спространов во Охридско празникот Свети Вартоломеј бил познат како Вртолум и од тој ден Сонцето се свртвело кон зима и за тоа многу жалело. Го вртеле дванаесетте апостоли, и тие, исто така, многу жалеле зашто се завртувало кон зима.