Духовден - Педесетница

Духовден (Дуовден), се  нарекува уште и Педесетница и е еден од најрадосните и најсветли празници во христијанството во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.

 Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на Спасението остварено преку Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една од службите на Месијата го назначува токму крштевањето преку Светиот Дух, односно Негово излевање врз човештвото. Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден Тој се покажува во Својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот Дух, Тој е Оној Кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.

 Значењето на Педесетницата се состои во тоа што од тогаш Светиот Дух конечно влегува во историјата, во која времето и просторот не постојат без личното присуство, вистинското доаѓање и активното Божјо делување.