Утре е Велики Четврток - денот кога се вапсуваат велигденските јајца

 На Велики четврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.
 
 Велики четврток е денот на Тајната вечера. Велики четврток е роденденот на Причеста.  На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста. И во пофалната песна за Богородица, која се пее на Литургијата (место Достојно…) се повикуваат верниците на Христовата вечера на бесмртната трпеза. А, место Херувимската песна, денес се пее за Тајната вечера, се изобличува Јуда, а се воспева благоразумниот разбојник.
 
 На овој ден рано наутро пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца. Најпрво каснуваат малку леб, се вртат кон исток, се прекрстуваат и ги бојат првите три црвени јајца. Првото јајце, божјаче, откако ке се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „Црвено-бело“. Божјачето се чува цела година, до наредниот Велики Четврток, и само ова јајце не скапува! Останатите јаца се бојадисуваат во различни бои и на различни начини, а еве кои се значењата на боите на велигденските јајца:
 
Црна – вечност
Жолта – светло, среќа
Црвена – божествена љубов, надеж
Кафена – среќа
Бела – чистота, невиност
Портокалова – издржливост и сила
Зелена – раст
Виолетова – надеж и вистина
Сина – здравје.