Шпанскиот поет, лауреат на СВП, Хусто Хорхе Падрон, почина на 77 годишна возраст

 Шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон, лауреат на Струшките вечери на поезијата (СВП) во 1990 година, почина денес во болница во Мадрид по компликации од Ковид-19.

 Веста на Фејсбук ја соопшти неговата сопруга која е Македонка, Клеопатра Филипова. Падрон и сопругата беа едни од најредовните гости на Струшките вечери.

 
"Готово е, ја изгубив љубовта на мојот живот, мојот еден и единствен сопруг, мојот животен партнер. После 35 години, 24 часа на ден заедно, проклетиот Ковид нѐ раздели засекогаш. Но, ти ветувам љубов моја, дека секогаш ќе се борам да ги бранам твоите соништа, да ја ширам твојата прекрасна поезија која усреќи толку многу читатели низ целиот свет“, стои меѓу другото во емотивната објава на неговата сопруга Филипова, која е преведувачка и поетеса.
 
 Хусто Хорхе Падрон роден е 1943 година во Лас Палмас де Гранд Канарија на Канарските Острови во Шпанија. Ги завршува своите студии по право, филозофија и книжевност на универзитетот во Барселона, проширувајќи ги понатаму истите во Париз, Стокхолм и Осло.  По осумгодишното работење како адвокат во својот роден град целосно ѝ се посветува на поезијата.

Тој бил генерален секретар на шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“ од 1982 до 1994 година и директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија од 1992 до 2002 година. Бил претседател и организатор на шестиот светски конгрес на поетите што се одржал во Мадрид во 1982 година. Висенте Алејксандре го назначил да ја прими неговата Нобелова награда за литература во 1977 г. и да го претставува на сите свечености подготвени во негова чест. Тој несомнено бил шпански поет со најголемо меѓународно признание во последните децении. 
Има напишано дваесетина збирки поезија, главно во духот на лириката на Хуан Рамон Хименес и поетите од Генерацијата `27.

Поезијата на Хусто Хорхе Падрон е преведена на четириесет и четири јазици, а објавени му биле стотина книги на странски јазици. Добитник е на триесетина меѓународни награди и признанија.