Јапонија ќе ја подигне старосната граница за пензионирање на 70 години

Јапонската влада планира да ја зголеми старосната граница за пензионирање на државните службеници, најави премиерот Јошиде Суга.

„Подигнувањето на старосната граница за заминување во пензија неопходно е за решавање на големите административни прашања. Се подготвуваме за брзо воведување на релевантни закони“ изјави Суга.

Јапонија почна со дискусии за зголемување на старосната граница уште пред три години. Специјална комисија предложи границата да се подигне на 70, наместо на сегашните 65 години, што веројатно ќе помогне во поддршката на економскиот раст.

Стареењето и намалувањето на популацијата е еден од најбитните општествени проблеми во Јапонија. Според официјалните податоци на здравствените власти, Јапонците се способни за работа во просек до 71 година, а Јапонките до 74 години. Владата на постарите Јапонци гледа како на витална работна сила.

Моментално јапонските државјани имаат право да се пензионираат на 60 години, но полната исплата на пензијата е достапна дури после 65. година.

(Bizlife)

(фото: Flickr)

www.inovativnost.mk