Свето Благовештение - Благовец

Свето Благовештение или Благовец е еден од поголемите  христијански празници. Се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април. Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Блошчојне, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење.

 Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се смета за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка. Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

 На овој ден Гаврил се јави во архангелска светлина и ѝ рекол на Марија дека е одредена од Бога да го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик.

 Поради тоа, Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Исто така, се верува дека ако наутро гладен како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици ќе те разбие и не ќе имаш напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб. Во некои краишта, овој ден се поврзува со излегувањето на змиите од дупките при што се верува дека змиите никогаш не касаат на Благовец.

 Кузман Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец саделе тикви, зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи, додека пак Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако човек не касне риба на тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“. Воопшто, иако овој празник се наоѓа на крајот од Велигденските пости, на овој ден е дозволено и препорачливо да се јаде рибино месо. Некаде, тоа се правело за здравје, а на други места, сиромашните купувале риба за да си дозволат богата трпеза на овој ден.

Именден на овој ден празнуваат: Благоја, Благојка, Блаже, Благица, итн..

Нека е за многу години!