Ослободете се од алергијата во домот

 Становите и куќите се дом на многу алергенски микроорганизми кои, доколку се присутни подолг период, можат да бидат штетни по човечкиот имунолошки систем и да создадат непријатности во форма на алергии. Како да се избориме со овој проблем?

 
Квалитет на воздухот

Многу алергени (предизвикувачи на алергии), вклучувајќи го и животинскиот првут и прашина, се наоѓаат во воздухот. Други видови, како што се изметот на инсектите ги има во тепихот, ќебињата и постелнината, а и тие се разлетуваат во воздухот при придвижување на нивните “престојувалишта”. Исто така воздухот во домот може да биде контаминиран и со испарувања од лепила, разредувачи, нови теписи, производи со аеросоли, предмети кои сме ги носеле на чистење...

Сето ова може да влијае на развојот на алергиите и затоа една од основните превентивни активности е редовното проветрување на просториите. Доколку имате клима уред, најдобро е тој да има ХЕПА филтер (кој ги сопира сите честички поголеми од 0,3 µm), а доколку имате филтер кој се чисти со миење, треба еднаш неделно темелно да се измие.


Спални соби

Истражувањата покажале дека во душек кој е употребуван две години може да се задржат просечно околу два милиона прашински грини. Грините се микроорганизми кои се хранат со клетки од мртва човечка кожа и претставуваат предизвикувачи на кожни алергиски реакции. Дури и антиалергиските душеци можат да ги елиминираат грините само шест месеци.

Грините најчесто ги има во горните слоеви на душекот, но не и на самата површина. Затоа со редовното правосмукање на душеците не се постигнува нивно целосно отстранување. За оваа намена се употребува акарицид - хемиско средство кое иако не навлегува во најдлабоките слоеви на душекот, сепак ги чисти најнаселените слоеви.

Креветите со дрвена или метална рамка се поповолни од креветите кои се обложени со ткаенини и сунѓери бидејќи му овозможуваат на душекот да “дише”. Употребувајте прекривки кои поднесуваат врела вода и перете ги на секои две недели на температура од барем 60оC. Доколку постелнината која ја употребувате е премногу осетлива, при перењето додајте акарицид.


Подови

Теписите, чергите, тапацираниот мебел исто така се лежишта на алергени. Во поглед на ослободување од алергените, најдобро е да се изберат прекривки кои може да се стават во машина за перење и да се перат на температура од 60оC. Доколку тоа не е можно, треба да се третираат со препарати против грини на секои два до три месеци. Исто така, важно е подот да нема вдлабнатини и отвори кои не е можно да се исчистат.

Во бањата и кујната избегнувајте ги плочките без глазура, кои се вистински легла за бактериите. Бришењето на подот со влажна крпа го намалува количеството на прашина која се подига во воздухот при бришењето на подот.


Ѕидови

Боење на ѕидовите има предност во однос на тапетите, кога станува збор за ослободување од алергените. Сепак, разредувачите кои се употребуваат за одредени бои можат да бидат иританти, па затоа треба да се употребуваат оние кои се на база на вода, а не на база на масло. Во простории каде што има ламперија присутна е емисија на формалдехиди од лепилото која не е поволна за лицата кои се склони на алергии.


Завеси

Пластичните или дрвените се поповолни од текстилните завеси во однос на спречување на алергиите. Притоа, лентестите завеси се подобри бидејќи полесно се одржуваат.


Мебел

Кожата и винилот на тапацираниот мебел се покажуваат како лоша средина за грините и прашината. Тврдите површини од материјали како што се дрвото или пластиката, во едноставни рамни линии со минимален број на детали се лесни за одржување.


Плакари и полици

Употребувајте масивно дрво за плакарите и полиците, а метал и стакло за полиците. Горниот дел на плакарите и полиците се складови на прашина, па затоа добро е плакарите да бидат изработени по мерка, од таванот до подот, а полиците да бидат затворени со врати. Книгите и разните предмети држете ги во библиотеки кои се заштитени со стакло, со цел да се намали собирањето на прашина.


Кујна

Кај сè повеќе домови кујната не е одвоена од останатиот дел на домот. Проблемот се создава кога влагата од готвењето се раширува по целиот дом, со што се зголемува веројатноста за појава на мувла, размножување на бактерии и таложење на прашина. Доколку сепак сакате просторот за подготовка на храна да биде отворен, подобрете ја вентилацијата. Влажноста во просториите би требало да биде 50% или помала.


И уште:

• Не претерувајте со бројот на собни растенија бидејќи привлекуваат прашина, а во спалната соба не би требало воопшто да бидат присутни.


• Отворените површини редовно пребришувајте ги.


Извор: www.sezadomot.com.mk