Наколни населби во Охридското Езеро - Заливот на коските

 Постојат разни видови на археолошки вредности во водите на Охридското Езеро. Како едни од поинтересните ги издвојуваме наколните населби.

 Тие припаѓаат на предисторискиот период, од младо-камено доба, бакарно доба, бронзено и железно доба. Такви локалитети се пронајдени во струшкиот дел од крајбрежјето, каде реката Црн Дрим истекува од Охридско Езеро, во местото Врбник, близу Калишта, и во близина на селото Враништа, каде што притоката Шум се влева во Црн Дрим.



 Во охридскиот регион вакви населби се пронајдени покрај полуостровот Градиште близу селото Пештани, познато како Заливот на коските. Исто така остатоци од наколни населби се пронајдени во близина на селото Трпејца и на манастирот Св. Наум. Секако највпечатлива, која се протега на поголема површина од 8500м² е  населбата во Заливот на коските. Тука археолозите пронашле цели и фрагментирани керамички садови, камени артефакти, фрагментирани животински коски. За дел од пронајдоците се претпоставува дека се користеле за лов и риболов, за  перење на облеката, и сл.



 Сега на местото Залив на коските има реконструирана наколна населба со дел од пронајдените артефакти, како музеј на вода, со цел да може да се види како изгледало едно друго време на нашите простори...





Подготви: Л.Н.