„Тојота“ гради „град на иднината“ управуван од роботи и вештачка интелигенција

Тојота започна со изградба на „паметен град“ во Јапонија кој ќе биде управуван од вештачка интелигенција и футуристичка технологија. Од компанијата истакнале дека градот ќе служи како „лабораторија за живеење“.

 
Градот ќе биде управуван од оперативен систем и ќе вклучува патишта за самоуправувачки возила, пренесува Радио МОФ.

Изградбата на градот започна на површина близу планината Фиџи и се наоѓа во близина на Токио.

Градот е дизајниран како лабораторија за идни технологии кои ќе бидат искористени и во урбаните околини, а вклучува тестирање на повеќе полиња како роботика, меѓусебно поврзани „паметни домови“ и вештачка интелигенција“.

„Тојота“ го најави „градот на иднината“ минатата година, притоа соопштувајќи дека тој ќе биде поврзан со три вида на патишта – патеки за пешачење, патеки за пешачење за лица кои користат електронски превозни средства како електрични скутери, како и патишта исклучиво наменети за самоуправувачки автомобили. Под градот ќе бидат изградени и конвенционални патишта за побрз транспорт.

Во 2018 година, „Тојота“ на пазарот го понуди своето самоуправувачко возило под името „е-Палет“ и се очекува тоа да биде воведено како средство за транспорт и во „градот на иднината“.

Жителите на градот ќе живеат во „паметни домови“ кои ќе имаат вградени роботски системи кои ќе помагаат при секојдневните обврски. Во домовите ќе има вклучено и вештачка интелигенција со сензори кои ќе го мониторираат здравјето на жителите.

Во првата фаза на проектот ќе бидат вклучени околу 360 жители од различна возраст, а населението ќе продолжи да расте до 2000 жители и ќе ги вклучува вработените во „Тојота“ и нивните семејства, но и научници и пронаоѓачи кои ќе ја мерат ефективноста на бројните технолошки решенија.

И покрај плановите за користење на технологија, од „Тојота“ апелираат на човечка поврзаност која е исто така исклучително важен аспект за доживувањето на „градот на иднината“.

„Градењето на нов град од темел е важна можност за креирање на нови технологии, вклучувајќи и дигитален оперативен систем кој ќе ја контролира инфраструктурата на градот “, истакнале од „Тојота“.

Извор: Independent

www.inovativnost.mk