Facebook го подготвува својот прв паметен часовник

 Гласините за хардверот кој го развива Facebook најмногу се врзани за паметните очила на кои наводно работи компанијата на Цукерберг, но според последните информации, изгледа дека подготвуваат уште еден проект.

 Не станува збор ни за смартфонот за кој се пишува со години, туку за паметен часовник. Facebook Watch би можел да се најде на пазарот веќе следната година, а моментално не е позната компанијата со која соработува Facebook за производство на часовникот.

Не се познати премногу детали за часовникот, но се споменува дека треба да работи на некој вид Android, односно веројатно Wear OS. Паметниот часовник главно би бил фокусиран на три работи – комуникација, односно пораки, здравје и фитнес. Кога е комуникацијата во прашање, веројатно нивниот фокус ќе биде на нивните платформи WhatsApp и Messenger, па можеби ќе развијат и некои опции прилагодени на тие апликации.

Покрај интеграцијата со Messenger и со WhatsApp, извештајот базиран на информации на четворица луѓе кои работат на тој проект велат дека Facebook Watch ќе може да се поврзе со други сервиси и хардвер на компании за фитнес како Peloton за следење на активноста и здравствената состојба. Тоа веројатно значи дека корисниците на Facebook ќе споделуваат повеќе податоци отколку сега.

Ќе биде интересно да се види колку луѓе ќе се одлучат да го купат тој часовник зашто со тоа автоматски ќе се согласат да споделуваат уште повеќе приватни податоци на Facebook. Исто така, изгледа дека Цукерберг веќе ја подготува територијата за новите уреди на компанијата затоа што според информациите, Facebook веќе развива и посебен оперативен систем за паметни часовници. Првиот таков часовник кој ќе има и хардвер и софтвер на Facebook можеме да го очекуваме во втората половина на 2023 година.

(GSM Arena)

(фото: Pixy.org)

 
www.inovativnost.mk