Ги запознаваме ретките болести - Пит-Хопкинс синдром

Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 дена и оваа година, трета по ред, ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести.

Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?...

 

Pitt-Hopkins syndrome - Пит-Хопкинс синдром

МКB Q 87.0

Преваленца: 1-9/1.000.000

Пит-Хопкинс синдромот е заболување кое се карактеризира со интелектуална попреченост, проблеми со дишењето, повторувачки епилептични напади и посебни карактеристични црти на лицето. Луѓето со овој синдром имаат средна до тешка интелектуална попреченост. Тие исто така имаат забавен психомоторен развој, касно проодуваат и доцнат со фините моторни вештини како што е фаќањето на предмети со прсти, а не со цела шака. Тие скоро никогаш нема да научат да зборуваат, нивниот фонд се состои најмногу од 2-3 тешко артикулирани зборови. Многу од нив имаат карактеристики на заболувањата од аутистичкиот спектрум со пореметување во комуникацијата и социјализацијата. Проблемите со дишењето се манифестираат со епизоди на брзо дишење (хипервентилација), потоа може да следи период на успорено дишење или комплетен престанок на истото (апнеа), што води до недостаток на кислород во организмот со помодрување на устата и кожата (цијаноза). Недостатокот  на кислород може да доведе и до губење на свеста. Проблемите со дишењето се јавуваат кај поголеми деца, но можат да почнат и во раното детство. Обично се провоцирани од преголема возбуда или замор. Епилепсијата се јавува во детството, а некогаш веднаш по раѓањето. Пациентите со Пит-Хопкинс синдромот имаат карактеристични црти на лицето, а тоа се тенки веѓи, вдлабнати очи, нагласена закривеност на горната усна, широка уста со големи усници и широко раздвоени заби. Децата обично имаат среќен изглед, насмеани и често плескаат со рацете. Но, можат да бидат загрижени и да имаат проблеми со поведението (агресивност). Другите придружни црти се: затворот (опстипација), мала глава (микоцефалија), низок раст, минорни абнормалности на мозокот. Исто така, типични се мали шаки и стапала, а на рацете може да се види единечна бразда. Имаат и рамни стапала. Кај машките обично тестисите не се спуштени. Можат да имаат и страбизам како и ослабен вид на далечина (миопија).

Болеста е многу ретка, се смета дека во светот има 500 индивидуи со оваа болест. Болеста не се наследува бидејќи индивидуите се стерилни. Нивните родителите се здрави. Мутацијата за првпат настанува кај заболената индивидуа. Болеста првпат е опишана од  Пит и Хопкинс во „Австралиското списание за педијатри“ во 1978 година каде што биле претставени двајца пациенти кои не биле во сродство. Врската со TCF-4 не била пронајдена до 2007 година-период кога се увидува дека генот TCF-4 игра значајна улога во развојот на централниот нервен систем и мозок.

Болеста се должи на дефектот т.е. недоволната функција на транскрипциониот фактор-4. Генот кој го кодира овој фактор се нарекува TCF-4. Генот се наоѓа на долгиот крак на 18-тиот хромозом. Родителите се здрави, но во своите полни клетки (јајце-клетка, сперматозоид) можат да имаат такви клетки коишто носат мутација и да ја предадат на потомството. Затоа во исклучително ретки случаи можно е две деца да ја имаат болеста. TCF-4 протеинот е важен за нервните клетки. Тие имаат продолжетoци наречени синапси со коишто нервните клетки се поврзуваат меѓу себе, создаваат мрежи за проток на инфромации. Што е поголемо умрежувањето тоа се поразвиени интелектуалните функции на индивидуата. Бидејќи кај Пит-Хопкинс синдромот едниот од двата гена е мутиран, нема доволно создавање на TCF-4 протеинот, а со тоа се намалува умрежувањето на нервните клетки. Интересни се испитувањата за шизофренија каде активноста на двата TCF-4 гена е премногу изразена и има преголемо производство на протеинот што води до преголемо абнормално умрежување на невните клетки и предизвикува „хаос“ кај индивидуата.

Слична клиничка слика на Пит-Хопкинс синдромот може да се види кај индивидуи кои имаат мутации во два други гена CNTNAP-2 на долгот крак на 7-миот хромозом и NRXN-1 на краткиот крак на вториот хромозом.

Дијагноза:

Не постојат утврдени дијагностички критериуми, но одредени симптоми одат во прилог на дијгнозата за Пит-Хопкинс синдромот. Тоа се фацијалната дизморфија, раниот глобален психомоторен застој, тешката интелектуална попреченост, проблемите со дишењето и отсуството на други конгенитални аномалии. Половина од пациентите имаат епилептични напади, а останатите имаат мозочни абнормалности како што е хипопластичниот неразвиен corpus callosum. Според клиничката дијагноза, Пит-Хопкинс синдромот спаѓа во групата на первазивни развојни пореметувања.

Сепак, потребно е да се направат следните консултации:

  • Развојна процена;

  • Консултација со детски бихевиорален специјалист;

  • Пулмолошка консултација;

  • Невролошка консултација;

  • Офталмолошки преглед;

  • Консултација со астроентеролог;

  • Мускулоскелетна евалуација;

  • Консултација со клинички генетичар.

Третман:

Засега нема специфичен третман на Пит-Хопкинс синдромот. Потребен е мултидисциплинарен пристап. Треба да се третираат симптомите, да се применуваат антиконвузивни лекови за епилепсијата, соодветна исхрана, физикална терапија и слично. Во третманот се вклучува дефектолог, логопед, развоен психолог во склоп на симптомите на болеста. Во рамките на генетската терапија, како реална можност се наметнува алтернативниот фармакогенетски пристап, а се состои во изнаоѓање на соодветни лекови коишто би влијаеле и би го поттикнувале здравиот ген да ја зголеми продукцијата на TCF-4 протеинот.

Прогнозата на болеста:

Текот на болеста е непрогресивен. Нема доволно податоци во врска со лонгитудиналното следење на пациентите, но нема причина да се носи заклучок дека нивниот животен век би бил значајно скратен. Поради тоа што никогаш нема да можат да постигнат автономија, имаат потреба од доживотна поддршка.

gizapoznavameretkitebolesti

за проектот:

Гордана Лолеска, Супер радио и „Живот со предизвици“ и овој февруари Ве запознаваат со ретките болести во Република Македонија со надеж дека преку овие 28 ретки дијагнози сите заедно ќе научиме нешто повеќе. 

Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови.

Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над  90 земји од целиот свет во 2018 година. 

Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година.

Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции - колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.

Вклучете се!