Денес се празнува Свети Трифун - заштитникот на лозјата

Денес православните верници го чествуваат Св.Трифун – заштитникот на лозјата.

 Св. Трифун бил роден во селото Комсада, во римската провинција Фригија, во Мала Азија. Родителите му биле христијани, така што и тој бил воспитуван во согласност со христијанската вера. Според христијанските верувања, уште од раното детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство. Тој имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот император Гордијан. Ниеден лекар не можел да ја излечи, а на девојката ѝ било откриено дека единствено може да ја излечи „детето Трифун“, кое тогаш имало 17 години.

Дознавајќи за необичната моќ на фригиското момче Трифун, царот го повикал да ја спаси неговата ќерка. Царските слуги, по долго барање во Фригија, го нашле момчето покрај езеро како чува гуски. Затоа, тој често на иконите се слика опкружен со гуски.

Со маченичка смрт умрел за време на царот Деције на 21-годишна возраст.
 
 Православната црква го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции. На иконите, тој е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски.

 Православната црква неговиот ден го чествува  на 14 февруари, како ден на лозарите и градинарите, а тој се смета и како покровител на меанџиите. Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија, како Охрид и Прилеп, овој празник е познат и како Св. Трипун-пијаницата. Во повеќето краишта на Македонија, на денот на св. Трифун рано наутро се одело в црква кадешто попот пеел молитва и светел вода. Луѓето со оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ, ги прскале лозјата.