"Ерато" - нова стихозбирка во препев, за убавините и ужасите на светот

 Деновиве, од печат излезе стихозбирката „Ерато“ од Дерин Рис-Џоунс во издание на ПНВ Публикации, a во препев на Јулијана Величковска. Изданието е поместено во рамки на едицијата „Гравири“.
 
Стихозбирката „Ерато“, насловена според името на музата на лирската поезија, говори за тоа како ги поимаме и како пишуваме за убавината и за ужасите на светот. Во документарен стил со автобиографска нарација, книгата содржи лирски фрагменти, сонети, и поетски секвенци подредени на истиот начин на кој се случуваат и репетициите во умот како последица од траума, истражувајќи ги, притоа, грешките и бришењата на меморијата. Ова е книга полна пламења и лузни, пејзажи и животни, што во срцето носи копнеж за трансформативната музика што лежи некаде под зборовите и желбата да си го разбереме телото што го населуваме кога љубиме.
 
 
За оваа стихозбирка што беше во потесен избор за наградите „Книга на годината“ во Велс и „Т.С. Елиот“ во 2019 г., a доби и специјална пофалба од Poetry Book Society, се вели:
 
„Дерин Рис-Џоунс ни покажува дека ако е во вистински раце, лириката може да биде најострото, најсуптилното и најразорното оружје што го поседуваме.“ ― Саша Дагдејл.
 
„Еве го поетот како рапсод, отворен канал за вртоглаво преклопување на потоците од тага, копнеж, збунетост, стравопочит и гнев.“ ― Џош Коен.


  
 Дерин Рис-Џоунс е велшка поетеса, критичарка и уредничка на „Павилјон поезија“, издание на Liverpool University Press. Уредува и антологии, објавува научни текстови, книги есеи, а автор е и на монографијата „Керол Ен Дафи“ (2001). Често соработува и во други уметнички и филмски проекти. Ги има освоено наградите „Ерик Грегори“ во 1993 г. и наградата за писатели од Советот за уметности во Англија во 1996 г. Дерин Рис-Џоунс е професор по поезија на Универзитетот во Ливерпул, каде што го коменаџира и Центарот за ново и интернационално пишување.

 
Додворување
 
 
Голем нуркач со кикиришка
 
 
Пролет е — да ја наречеме пролет —
каде што февруари ги допира крилата на март
 
со избелени неба; тука, каде што овој танц на птици
е најбавниот, најучтивиот чекор,
 
сводот и виножитото на нивниот одраз
грациозен трепет и блескав приказ.
 
Водата и одразот не си
поставуваат прашања.
 
Затресување со главата, вртење на главата. Тој нурнува кон
нејзиното враќање. Летаат заедно нагоре:
 
нејзиното бело грло
е негово бело грло,
 
црните кикиришки на нивните глави,
црвено-кафеавиот детаљ на образите и ушите.
 
Се движат заедно,
се повлекуваат.
 
Верувај, вели таа. Верувај.
Си градат свое место во водите.
 
Тој ја храни со трева, гранчиња чувани за гнездење.
И види како се подига со клунот отворен
 
зад неа во трските,
спуштајќи се врз неа со нежност.

 
Рајски птици
 
 
Започни сега со најситните работи,
куп поцрнети желади, светкави крилца од бумбар,
 
зеленото овошје и виолетовите цветчиња од компировата грмушка.
Тој прави патека застанувајќи и колебајќи се
 
како станиците на крстот,
менува боја во неговиот ум, перспектива.
 
Куќички од полжави или сината на бобинките?
(Пупка од јасмин ли е тоа во неговиот клун?)
 
Неговото место, гледам, е покриено со стебленца од орхидеи,
мовта постелена како тревник на влезот од неговото пребивалиште,
 
ливчиња од портокали како базен на неуморен кои.
Овие нешта ги собира како некое детенце,
 
оставено да се моли за сликички со фудбалери и диносауруси.
Сѐ се смирува штом ќе ја види. И еве сега,
 
како печат врз неговото срце, постела од цвеќе
извлечено од грмушка.
 
Колку внимателно однапред мислел на неа.
Розовата, си мисли, од рози.

 
Гугутки
 
 
Попладне што навестува дожд, а во гранките
во дворот одзади, пар
гугутки го изведуваат својот пролетен ритуал.
Замавнување со крилјата, поклон. Тој ја поттурнува, таа кимнува
одобрувајќи го неговото настојување, будалесто смрзнување в место, кабуки танц,
нивните вратови со црн прстен и движења што се огледуваат:
лицкање и растреперување, нежно колвење под клунчето.
И тогаш таа му дозволува да ѝ пријде, ненадејно издигнување во лет,
налет на пердуви додека нежно натежнува врз неа.
Секогаш ќе биде вака, знае таа. Нежниот вик
на тоа гу-гу-гу додека сенка притиска сенка.
И како можеше да не знае дека тоа го сака.
Таа што ги научила значењата на не, не, не, никогаш.
Тие што толку доцна си се најдоа.