Дебрца – нова понуда во алтернативниот туризам

 Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО, како и Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам, смета градоначалникот, Зоран Ногачески.

Тој е задоволен што општината е дел од проектот за „Нови можности за развој на безбеден зимски планински туризам“.

„Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови. Овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација“, изјави Ногачески.

Во рамки на истиот проект Општина Дебрца планира да изврши реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во селото Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.

Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите. Во текот на имплементацијата на Проектот имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна. А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка“, изјави градоначалникот Ногачески.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца, Македонија и Грамш, Албанија и Алпинистичкиот Клуб „Патагонија“ од Охрид.

(МИА)

(фото: Wikimedia)

www.inovativnost.mk