Свети Јован Крстител - Претеча

 Јован Крстител е важен светец во христијанството, братучед на Исус Христос според евангелието на Лука и човекот којшто го крстил во реката Јордан. Со оглед дека оваа главна улога на Свети Јован се остварила на денот на Богојавление (19 јануари), древната Црква денот по Богојавление му го посветил на неговиот спомен.
 

Јован Крстител  имал голема улога во првите векови во христијанството, а според некои, тој дури имал и поголем број на верници. Денеска, во христијанството, Јован се смета за светец и маченик. Во исламот е познат како пророк Јахја ибн Закарија. Медејците, пак, го сметаат за единствен и вистински месија.

 Раѓањето и службата на светиот Христов претеча ги претскажале пророците Исаија (40,3) и Малахија (4,5), како и самиот архангел Гавриил (Лк 1,5-15). Јовановото рождество детално го изложил апостол Лука во своето евангелие. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди спасителот, евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време, Захарија со својата жена Елисавета, сè уште немале деца, што во тоа време се сметало за божја казна и голема несреќа бидејќи биле во доста возрасни. Според преданието, и двајцата постојано го молеле Господ да им даде рожба и Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш, кога Захарија во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован. Кога се родил синот, според обичајот, требало да го носи името на таткото, но кога Захарија го запрашале за името, тој рекол да се вика Јован и раскажал дека детето ќе биде пророк, што ќе оди пред спасителот и ќе му го подготвува патот.

 Инаку, според светото предание, св. Јован Крстител и Исус биле роднини, зашто мајка му на св. Јован, Елисавета, ѝ била тетка на мајката на Исус, Марија.
 
  Во младоста, Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години, тој ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Според евангелистот Лука, Јован ја започнал својата проповед во 15 година од царувањето на Тибериј, во времето на јудејскиот намесник Понтиј Пилат и Ирод Антипа. Првичното место на служба му била јорданската пустина, а потоа јорданскиот брег. Тој често проповедал:
 
 „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух“.

 Во тоа време, Исус се подготвувал за својата мисија. Но, според тогашните закони, учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус, кога наполнил 30 години, дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован, кој дотогаш не го имал видено, според евангелието, веднаш се сетил дека тој е Спасителот. Во почетокот, Јован го одвратил, велејќи му:
 
„Јас треба од тебе да бидат крстен, а ти при мене ли доаѓаш?“

Но, кога Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“, Јован го крстил, во водата.
 
Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската Империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја, Ирод Антипа. Тоа бил синот на стариот Ирод, оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез, по име Арета. Но тој, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип, кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал:
 
„Не ти личи да ја земеш жената на брат ти“
 
 
  Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети.
 
Еднаш, кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ, меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада, која што со својата игра толку го занесла Ирода што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде сè што ќе посака, дури и да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака, па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка, која долго го чекала овој час (зашто не можела да му го прости јавното разобличување), веднаш ѝ рекла да ја побара главата на Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода, тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време, девојката ја имала на послужавник главата на Свети Јован, која ја предала на својата мајка. И по неговата смрт, Иродијада продолжила да се изживува над мртвото тело на Св. Јован, бодејќи го неговиот јазик со игли. Според преданието, телото на Јован го зеле неговите ученици и го погребале, а главата ја зела Иродијада, која ја закопала во дворецот на Ирод, плашејќи се наводно да не може да воскресне Јован. Сепак, еден чесен дворски слуга ја закопал главата на светецот.
 
 
 Евангелистот Лука, кој посакал да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк бил убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеал да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, којашто во Антиохија била чувана до 10 век. Потоа, таа била пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезнала оттаму.
 
 Според преданието, во следните години, некој богат човек се замонашил во Елеонорската гора, па по неколку години сакал да прави своја келија на местото во дворецот. По започнување на ископувањата, тој ја пронашол главата на Јован.
 
 За раката на светителот се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архиерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.
 
 Празникот Свети Јован Крстител се прославува неколку пати во годината, но народот најмногу го празнува овој ден, 20 јануари по македонскиот православен црковен календар. Исто така, во православната црква се празнува и денот на отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител (11 септември).  Меѓу евангелските личности околу Исус Христос тој има посебно место:
 
според начинот на доаѓањето во светот
како Крстител на Месијата Исус Христос
според улогата на Крстител на луѓето за покајание
според трагичното заминување од овој живот со исекувањето на неговата глава.