ТикТок воведува промени во приватноста за корисниците под 18 години

 Од ТикТок соопштија дека воведуваат промени во нивната апликација за да создадат безбедна средина за помладите корисници.

 Отсега профилите на корисниците од 13 до 15 години стандардно ќе бидат приватни, а ќе се заострат и контролите за сите корисници на возраст под 18 години, во однос на тоа како тие комуницираат со другите корисници и самата содржина на ТикТок.

Со новите ограничувања ќе им се овозможи на корисниците нивните видеа да ги гледаат само оние што ги прифаќаат како следбеници и го ограничува нивниот профил да им се препорачува на други.

Промени се воведуваат и во коментирањето под објавите. Корисниците сега ќе можат да избираат помеѓу „Пријатели“ или „Никој“ во однос на тоа кој може да ги коментира нивните видеа и опцијата „Сите“ ќе се отстрани.

Исто така, ќе се отстранат опциите за дует и „стич“, што ограничува како овие помлади корисници можат да се поврзуваат со другите корисници на ТикТок и нивната содржина. Покрај ова, нивните видеа нема да бидат достапни за преземање.

За оние на возраст од 16 до 17 години, овие опции ќе бидат достапни само со следбениците и тие ќе можат да преземаат видеа создадени само од 16-годишни и повозрасни корисници. Опцијата за преземање на нивните видеа стандардно ќе биде исклучена за нив, но може да ја променат.

ТикТок во неколку наврати се обиде да воведе ограничувања за профилите на помладите корисници, но кое било од овие ограничувања може да се заобиколи ако корисниците лажат за нивната возраст при пријавувањето.

Според досегашните проценки, 41% од корисниците на ТикТок се на возраст меѓу 16 и 24 години. Во САД особено, апликацијата привлече особено голема тинејџерска корисничка база.

Компанијата во 2020 година рече дека 60% од нејзините 26,5 милиони активни корисници месечно во САД биле помеѓу 16 и 24 години. Дури и некои од најголемите ѕвезди на ТикТок, како Чарли Д’Амелио, сè уште се само тинејџери.

Социјалната мрежа за споделување видеа во 2019 година беше казнета со 5,7 милиони долари од Федералната комисија за трговија поради кршење на законите за приватност на децата во САД.

Комисијата започна да ја анализира апликацијата уште кога беше позната како Musical.ly. Претходната верзија, пред нејзиното стекнување од страна на ByteDance, собра лични информации на деца под 13 години без согласност на родителите. Како резултат на таа пресуда, ТикТок создаде ново, законски усогласено искуство за помладите корисници во САД со содржина соодветна на возраста.

Извор – Радио МОФ

Фото – Pixabay

 www.inovativnost.mk