191 година од раѓањето на Григор Прличев

 Григор Прличев е роден во Охрид на 18 јануари 1830 година. Потекнува од сиромашна фамилија. Неговиот татко починал кога Прличев имал шест месеци.

Товарот да го издржува семејството паднал на мајка му бидејки дедо му бил стар и не можел да работи. Но затоа тој го научил да чита уште на четиригодишна возраст од стар грчки буквар. Откако го совладал основното читање неговиот дедо го запишал во грчко келијно училиште.

Во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал. Кога завршил со основното и средното образование се запишал на Медицинскиот Факултет во Атина кој не го завршил и се враќа во Охрид.

По 10 години повторно се вратил во Атина каде се запишал на некој конкурс. На тој конкурс учествувал со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) и го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од се словенско во него – и тој ја одбил. Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата „Скендер-бег“, но таа година по некој случајност, конкурсот не се одржал.

 Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, 
Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затварањето на Димитрија). Тоа ќе биде причината тој да биде прогонуван, па и затваран. Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата“на бугарски, но бил жестоко искритикуван . Потоа се повлекол во Солун и ја напишал „ Автобиографијата“. Последните години од својот живот ги поминал во родниот град, речиси сосема осамен и разочаран. Тој починал на 6 февруари 1893 година.