Бадник - празник на радоста пред големиот ден - Христовото раѓање

  Бадник или Коледе, според христијанската традиција, е денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ).

 Според јулујанскиот календар, по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник е на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

 Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат грегоријанскиот календар го прославуваат на 24 декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.
 
Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“.

Обредните елементи и дејствијата кои се поврзани со Бадник и Божиќ претставуваат најбогат извор за севкупната согледба на старословенската митолошка мисла и нивното истражување поттикнува на заклучок дека тоа е празник кој во основа ги задржал впечатливите и најзначајните елементи на паганската мисла на словенските народи. Обредните дејствија и елементи за нивното исполнување кај Јужните словени се со огромна разноликост, во зависност од подрачје, но во основа се сведуваат на многу слични обреди наследени од древните предци: сечење бадник, неговото внесување и палење во домот; подготовка на обреден леб кој го сретнуваме под различни имиња поскура, чесница, кравајче, погача,и кој во речи си сите краишта се прави со паричка; „печеница“ - печено прасе (или друго месо) со кое се прекинува Божиќен пост; живописни ритуали кои слават семејство - култ на огништето, култ на предци и доаѓање на новото божество. Според различни истражувачи Божиќ се врзува за две старословенски божества Сварог и Световид. Во народното творештво се зачувани стихови „Сварожиќу мој Божиќу“ што упатува на изедначување на малиот бог Божиќ (христијански елемент) и синот на богот Сварог (пагански елемент).

 Кога станува збор за обредните елементи сврзани со Бадниот ден и бадник, мора да се има в предвид дека тоа се комплексни обредни дејанија кои се случуваат во поголем број на денови пред Бадниот ден, но и по него и сврзани се со обележување на раѓањето на божество (новото Сонце - новата година). Самото најавување на доаѓање на новото божество започнува на Св. Игнат,од тој ден па сè до Бадна вечер нашите предци палеле оган среде село и на врвовите на брдата за да го осветлат патот, како божеството не би го заобиколило нивното село. На ден пред Бадник  ритуално се обавувале подготовки за месење на обреден леб (се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, којшто се нарекувал божја брада и се чувал поврзан со црвени конци); се одбира домашно животно кое ќе биде „жртвувано“ за Божиќ, како и опрема за сечачот на Бадникот.

 Во најголем дел кај Јужните Словени, како Бадник е младо дабово дрво, сер, ретко бука или ела. Најчесто се сечел еден бадник, но во некои краеви се сечеле и три, а забележано е и сечење на девет бадници во Херцеговина, постои и специфичен обичај да се сечат грани според број на машките членови на семејството. Сечење на Бадникот е обвиткано со многу строги обредни правила: по Бадникот се одело рано наутро, најчесто одел домаќинот. Бидејќи одење по бадниково дрво претставувало еден од најважните чинови, домаќинот бил облечен во нова облека. Сечачот на Бадникот пред сечењето не зборува, кон Бадникот пристапува со поздрав и обраќање со кое го побратими или велича Бадникот. Бадниково дрво се сечело секогаш од источната страна. При сечење се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни апотропејни моќи. Секирата со која се сечел Бадникот се поземала во ракавици, а Бадникот најчесто се сече со три замави, никогаш не се пресекува, туку се прекршува за пенушката да добие форма на брада божја брада или дедо. На пенушката се оставаат подароци (лепче, вино, везени чорапи и др.). Пред донесување на Бадник во домот, домаќинката врши подготовка: ја чисти куќата (во древните времиња се сокривале троножни столчиња, вретена, кудели, вили и др.), подготвува посна храна, го меси обредниот леб. Бадникот не се внесува во куќата сè до првиот самрак, најчесто се оставал прислонет на ѕид.