Здрав рецепт за фалафел - специјалитетот од Блискиот Исток

 Фалафелот е едно од најпопуларните јадења од Блискиот Исток. Најчесто се служи во пита лепче или во сендвичи со тахини како и во комбинација со медитеранска компир салата.

Се верува дека овие „ќофтиња“ потекнуваат од Египет и почнале да се користат како замена за месо за време на долгите периоди на пост. Во последните неколку години, фалафелот е главно јадење и на менијата на вегетаријанците и веганите, поради едноставниот, но исклучително вкусен спој на наут, зеленчуци и зачини кои се извор на протеини и солидна замена за месото.

Бидејќи фалафелот е всушност брза храна и обично се пржи во фритеза, тој губи голем дел од своите хранливи вредности за време на готвењето. Сите сме слушнале дека пржената храна не е добра за нас, но дали знаеме зошто е тоа случај? 

Оние кои сакаат да живеат здраво и да внимаваат на линијата, најчесто го избегнуваат фалафелот. Затоа, ние ви презентираме еден здрав рецепт за фалафел, кој не вклучува пржење, па ќе можете да уживате во крцкавиот фалафел без чувство на вина.

Со печењето, фалафелот може да ја одржи својата хранливост. Инаку, помеѓу останатото, тој е одличен извор на растителни влакна и протеини, кои се особено важни за да се чувствувате сити и полни со енергија во текот на целиот ден.

 Фалафелот содржи и мали количества ниацин, витамин Б5, калциум и многу други микронутриенти. Дополнително, голем број студии покажуваат дека растителните влакна во наутот се навистина ефективни во регулирањето на шеќерот во крвта, како и во намалувањето на ризикот од срцеви заболувања и рак на дебелото црево. 

Фалафелот е навистина едноставен за правење дома со само неколку состојки. Пред да почнете со готвење, потребно е леблебијата да ја оставите да отстои во вода најмалку 4 часа (или во фрижидер преку ноќ). Овој чекор е важен, бидејќи потоа фалафелот е многу полесен за правење и печење.

За подготовка потребно е:

 
  • маслиново масло (околу 50ml)
  • 1 шоља наут (непечен)
  • 1 мал кромид, ситно исецкан
  • ½ шоља магдонос, ситно исецкан
  • ½ шоља коријандер, ситно исецкан
  • 4 чешниња лук, исецкани
  • 1 кафена лажичка сол
  • ½ кафена лажичка бибер
  • ½ кафена лажичка кумин
  • ½ кафена лажичка цимет

 

Начин на подготовка:

1) Загрејте ја рерната на 190°C и земете една голема тава во која ќе го истурите маслиновото масло.

2) Во блендер ставете ги сите горенаведени состојки и додадете една супена лажица маслиново масло. Блендирајте околу 1 минута, или додека смесата не стане хомогена.

3) Користејќи ги рацете, формирајте ја смесата во форма на ќофтиња и наредете ги во тавата.

4) Печете ги околу 10-15 минути, а потоа превртете ги на другата страна за да бидат еднакво испечени.

Овој рецепт прави 12-13 фалафели.



Извор: www.drmitov.mk