10 години ПНВ Публикации!

 Издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје денес го слави 10-годишниот јубилеј од своето постоење и за тоа време се изгради како најпрепознатливата и водечка издавачка куќа во републиката ориентирана кон поезија.

 Досега има издадено близу двесте изданија висококвалитетна поезија, есеистика, теорија, критика, проза, класици, неколку книги за деца и друга референтна литература од современи македонски и европски автори.




 Приоритетите во работењето на ПНВ Публикации се откривање млади и талентирани домашни автори, и веќе е извесно дека ПНВ Публикации е инкубаторот на најновата генерација македонски поети, за што сведочат и нивните освоени награди и меѓународните учества на фестивали и преводи на други јазици.

„Планиравме да организираме неколку книжевни настани со кои ќе го одбележиме нашиот прв голем јубилеј, но годинава е каква што е, атмосферата е далеку од славеничка и покрај тоа што досега и во вакви услови годинава успеавме да издадеме 30-на наслови и уште неколку се во подготовка за печат. Се надеваме дека со нашите изданија барем малку ги разведривме и нашите автори и читателите, а за следната година се надеваме и дека ќе успееме да организираме бројни книжевни настани во Скопје, во Охрид и во другите градови во Македонија“, изјави основачот и главен и одговорен уредник, Јулијана Величковска.

По повод јубилејот, ПНВ Публикации организираше и акција што ќе трае до 8-ми јануари 2021 година, имено, сите нивни изданија ќе бидат достапни по намалени цени за 30% на страната на Купикнига.мк.



 На прашањето кои наслови би им ги препорачала на читателите, Величковска одговори: „Им ги препорачувам исклучителниот роман „Човекот што зборуваше змиски“ од еден од најдобрите современи естонски писатели Андрус Кивирахк, понатаму, нашите нови книги за деца „А треба да кажам“ од Славе Ѓорѓо Димоски и „Сликовито со животинки мешовито“ од Воскресија Андреевска и Наташа Петровиќ, како и генијалните „Сплесканиот зајак“ и „Дрвото“ од Бардур Оскарсон, еден од најпознатите автори од Фарските Острови.



 За љубителите на поезијата имаме особено голем избор, од домашните автори би ги издвоила „Двоумење“ од Ива Дамјановски, што годинава ја освои наградата „Браќа Миладиновци“ доделена на СВП, „Небесна геометрија“ од Андреј Ал-Асади, што беше во потесен избор за истата награда, понатаму, „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова, „Форми во создавање“ од Љубица Шопова, како и „Каучот на Фројд“ од Димитар Арнаудов, а во превод ги имаме и збирките на едни од најдобрите современи европски поетски гласови, како што се Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, Сергеј Тимофеев од Латвија, Моника Херцег од Хрватска и многу други, а за љубителите на класиците ја препорачувам „Студија во скарлетна боја“ од Артур Конан Дојл.“