Величковска за „Книжевни елементи“: Уметниците живеат за да создаваат, но не живеат од тоа

 Деновиве од печат излезе новиот, трет број, на книжевното списание „Книжевни елементи“, во кој е објавено и интервју со Јулијана Величковска, главен уредник и основач на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во кое таа се осврнува на неколку прашања: односот кон младите автори, статусот на уметниците и писателите во Македонија, состојбите во издаваштвото кај нас, читателските навики и слично.


 
 Во продолжение, прочитајте го интервјуто во целост.
 
Постоите веќе десет години и од она што може да се воочи од Вашите изданија ориентирани сте, главно, кон издавање поезија, која, како што рековте во една прилика, се смета за „загрозен вид“. Каде ја гледате иднината на овој книжевен вид и колкава е читаноста?
 
Дека поезијата се смета за загрозен вид, не е мој заклучок, тоа е веќе тема на дебати на светско ниво. Кај нас, во Македонија, би рекла дека состојбата не е таква, имаме навистина многу поети по глава на жител, но овде гледам еден друг проблем, а тоа е што имаме премногу писатели, но премалку читатели на поезија. И тука, со нашата работа се трудиме да делуваме кон подобрување на ситуацијата, издавајќи квалитетни стихозбирки од домашни автори, а во исто време трудејќи се и со преводи на македонски да „донесеме“ актуелни современи поетски гласови од Европа. Сметам дека на тој начин, со таа културна размена, ќе повлијаеме кон тоа да се случи значајно раздвижување на македонската книжевна сцена, на која сметам дека такво освежување ѝ е веќе неопходно.
 
Една сте од издавачките куќи кои промовираат млади и талентирани автори. Неодамна, токму Вашето издание „Двоумење“ од младата поетеса Ива Дамјановски ја освои и најпрестижната поетска награда кај нас – „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Кажете ми нешто повеќе за тоа.
 
Живееме во свет во кој, со ретки и чесни исклучоци, на младите не им се дава шанса. Никој не сака да си го троши своето „драгоцено“ време да поработи со почетниците, да обучува млади луѓе за која било работа, па и за пишувањето/издавањето книги. Речиси сегде се бараат луѓе со готово знаење и искуство, а никој не е расположен да им даде простор и шанса да се стекнат со тие први, толку барани, искуства. Една од нашите цели е токму тоа, да бидеме поддршка за младите, оти од нив зависи иднината на македонската култура и книжевност, следствено и на македонскиот јазик, кој освен политички е под притисок и од глобализацијата. И тука би сакала да додадам дека поддржувањето на младите луѓе не е еднонасочно, тие носат толку многу знаење и енергија во себе, нови светогледи и идеи и работата со нив нѐ облагородува.
 
Што се однесува на конкретната награда, сметам дека потегот на годинешната жири-комисија за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ беше многу чесен и храбар, наградија книга без калкулации и пресметки во однос на тоа кој стои зад книгата, дебитант или познат и признат автор. Но откако веќе беше наградена книгата и гледаме дека се работи за најмладиот добитник на оваа награда досега, па уште повеќе и дека станува збор за девојка, оваа награда доби и ново подлабоко значење и симболика за нас. Оваа награда е на Ива Дамјановски, но и на сите млади луѓе, а особено сметам дека ќе биде поттик за младите поетеси, на кои некои мрачни заседнати структури во светот на книжевноста гледаа само како на хостеси, небаре имаат задача да ги разубавуваат поетските фестивали, а не и да ги земаат најважните награди. Затоа оваа награда има уште поголемо значење и вредност за нас и се надевам дека ова ќе ги раздвижи нештата кон подобро и дека никој веќе нема да гледа на младите таленти со потценување, оти генерации и генерации остареа со зборовите „млад/а си ти, ќе дојде и твоето време“, времето е сега!


 
Издавате дела од автори кои се познати во Европа, но доаѓаат од за нас малку познати книжевни култури, како што се поетесата Сигурбјорг Трастардотир од Исланд или поетот Сергеј Тимофеев од Латвија. Какви се реакциите на домашната публика, се читаат ли нивните книги?
 
Пред извесно време одлучивме да се движиме во оваа насока, односно, на некој начин си дадовме за задача да преведеме што повеќе врвни современи европски поети, но и автори, воопшто, со цел да се случи потребната културна размена за да можеме споредено со актуелното во Европа и светот, да видиме каде е македонската книжевност во пошироки рамки. Во оваа низа автори се и извонредните Андрус Кивирахк од Естонија и Бардур Оскарсон од Фарските Острови, а имаме и уште доста вакви имиња чиишто книги веќе се испечатени или се во подготовка и се надевам ќе излезат од печат следната година.
 
Што се однесува на читателите, морам да признаам дека за почеток е многу тешко овие книги да си ги најдат своите читатели кај нас, оти мноштвото читатели овде читаат едни исти книги и ретко кој е отворен за нови автори и дела за кои немаат слушнато. А немаат слушнато, се разбира, од причини што се работи за дела што не доаѓаат од доминантните европски култури и јазици. Сепак, се радуваме на секој нов читател што ќе им даде шанса, тоа се најчесто колегите автори, па на некој начин сметам дека делата стигнуваат до таа одбрана мала публика со истенчен книжевен вкус, на која, всушност, и ѝ се обраќаме.
 
Во редот на Вашите изданија се наоѓаат и некои по малку заборавени класици, како Марк Твен, на пример. Дали читателската публика повеќе сака класици или современи автори?
 
Овде ќе се надоврзам со одговорот на претходното прашање и ќе кажам дека мноштвото читатели читаат тоа што им е познато, одат „на проверено“ и голем број читатели читаат едни исти популарни книги со сомнителни естетски вредности и квалитет. Посакувам луѓето да се малку поотворени, особено читателите, оти нели тие се оние што по дефиниција треба да имаат авантуристички дух, потреба од нови искуства и знаења, какви што само книгите можат да понудат, па би сакала да се малку поподготвени и да преземат „ризик“, да прочитаат и нешто современо, а и некој класик, во секој случај тоа да е нешто за кое не се зборува по мејнстрим медиумите, но дела што спаѓаат во висококвалитетна литература, оти знам дека се работи за книги по кои никој не останал рамнодушен.
 

 
Каде е местото на македонското издаваштво во културниот простор на Македонија?
 
Ох, па на ова прашање не сум сигурна како да одговорам. Со години имаме нефункционално министерство за култура, културните работници од повеќе сфери се соочуваат со секакви предизвици, како сега со од КОВИД 19, односно, неможноста да се организираат културни настани, до немањето редовни плати, кои и кога се редовни, се далеку од пристојни. Сакам да кажам дека кога ни она за кое треба да се грижи државата е на олку ниско ниво, што ни останува нам како приватни мали и микро-фирми, освен, да се бориме со ветерниците и да продолжиме да ја работиме оваа работа од љубов, но постојано работејќи и некои други нешта што ќе ни донесат леб на масата. Културата во Македонија ја има и е квалитетна, но функционира на шкрги. Уметниците живеат за да создаваат, но не живеат од тоа. Крајно време е нешто да се смени околу тоа, оти се плашам дека за многу скоро време ќе ја напуштат земјава, па уметноста ќе им остане на потпросечните малкумина што со лакташење успеале да се закачат на државната дојка.
 
Да одговорам поконкретно, македонското издаваштво е разнолико, како и секаде во светот. Издавачите што се ориентираа да ги издаваат светски познатите бестселери и разно-разните љубовни романчиња и трилерчиња пишувани по добро познати шаблони, функционираат добро и зафаќаат голем дел од културниот простор кај нас, но малите издавачи што се бават со поуметничка и непопуларна литература и коишто активно работат на промоција на домашните автори, се мачат да врзат крај со крај, а токму тие се оние што ја носат вистинската книжевност на плеќи.
 

 
Вашиот издавачки опус е многу оргинален. Некои од вашите идни планови?

Плановите се да работиме уште подобро и поквалитетно. Постојано учиме, ги следиме новостите надвор од земјава и се трудиме она што го работиме да е конкурентно на светско ниво, не само во рамките на нашите граници. Еве, ќе откријам и дека од следната година ќе печатиме и списание специјализирано за поезија, подготвуваме и многу нови дела од автори од Европа, како што се Керол Ен Дафи, Вилијам Вол, Ким Симонсен, Иван Херцег, Ервин Јахиќ, Кристин Омарсдотир и други. Го подготвуваме и првото издание на Скопски поетски фестивал, кое поради ситуацијата со пандемијата не се одржа годинава, плановите и желбите се големи и бројни, си посакуваме само добро здравје и ксмет, за да ги оствариме заедно со сите наши пријатели и соработници, без кои ништо од тоа не би било можно.
 


Интервјуто го водеше Игор Лозановски.