Светите маченички Софија, Вера, Нада и Љубов

Православните верници денеска ги празнуваат светите маченички Софија, Вера, Нада и Љубов. Светици што се многу почитувани кај нашиот народ.

 На овој ден се празнува споменот на познатата Римјанка Софија која своите ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
 Именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба.

 Живееја и страдаа во Рим, во времето на царот Адријан. Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (софија - мудрост), остана вдовица, а како добра христијанка се утврди себеси и своите ќерки добро во верата Христова. Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегна и врз добордетелниот дом на Софија, Вера имаше дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Изведени пред царот тие сите четири држејќи се за раце смерно но одлучно ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да и’ принесат идолски жртви на Артемида. Пред страдањето мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен љубител Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Мачителот ги мачеше со лути маки сите една по една: најпрво Вера, па Надеж, па Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч. Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.
 
 Светата црква и Софија ја прогласила за маченичка бидејќи таа е заслужна за воспитувањето на своите ќерки, а и страдала заедно со нив додека ги мачел злогласниот император Адријан.