Крстовден - празник на пост и покајание

 Воздвижение на Чесниот Крст или Крстовден е еден од 12-те големи празници од есенскиот циклус , којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 14 септември, односно на 27 септември по стариот календар. Крстовден е празник на пост и покајание.

 Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.
 
 Во чест на овие два настана: наоѓањето на Чесниот Крст и неговото враќање од заробеништво се празнува празникот Воздвижение на Чесниот Крст. По првиот настан празникот се празнувал локално, а по вториот добил општохристијанска димензија. За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост. Македонскиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст“.