Црвен крст - Охрид организира обука за негователи

 Со цел развивање на услугите за долготрајна нега на стари лица од страна на квалификуван и професионален кадар, Црвен крст Охрид организира втора обука за неговател/ка на стари и немоќни лица.

  Обуката, која содржи теоретски и практичен дел, трае 3 месеци, а ќе се реализира во простории на Црвен крст Охрид прилагодени и опремени со потребната опрема и помагала со почитување и примена на соодветните протоколи за заштита од Ковид-19. Обуката ќе ја изведува наставен кадар-едукатори (доктор по медицина, медицинска сестра, социјален работник), пет дена во неделата, во период заеднички договорен. По успешно завршената обука кандидатот се стекнува со соодветен меѓународно признат сертификат за неговател/ка на стари и немоќни лица.

Заинтересираните кандидати на возраст од 18-60 години, ќе можат да се пријават во просториите на Црвен крст Охрид, на е-маил: ohrid@redcross.org.mk или на еден од телефоните 046 261909 и 070 315309, каде треба да ги остават следните податоци: име и презиме, дата на раѓање и контакт телефон/е-маил со назнака за Оглас за негователи.

Црвен крст Охрид е верификувана организација за спроведување на обуки за неговател/ка на стари и немоќни лица во Охрид и Дебрца, согласно верификувана програма од страна на Центарот за образование на возрасните и Министерството за образование и наука.

Огласот за пријавување на кандидати за обука на неговател/ка на стари и немоќни лица е отворен од 21.09 до 04.10.2020.