Сместување на цвеќето во домот

  Саксиите со цвеќе секогаш треба да бидат сместени во простории каде ќе имаат поволни услови за нормален живот и развој, односно на места каде ќе имаат соодветна светлина, топлина, влага и воздух.

 При тоа треба да се знае дека одредени растенија меѓу себе се разликуваат во потребите, а особено во однос на светлината како фактор. На некои им треба повеќе светлина, додека други успеваат дури кога малку ќе бидат заштитени од директната изложеност на сончева светлина.

 Повеќе светлина им е потребно на растенијата со побујно растење и со нежни листови како што се африканските љубичици, азалеите, цикламите, глосиниите, пеларгониите, примулите и др. Сепак и овие растенија мора да бидат заштитени од силното сонце. Растенијата кои имаат големо, цврсто и кожасто лице, како што се аспидистрите, драцените, филадендроните и палмите – се задоволуваат со нешто помалку светло, така да успеваат и во близина на прозорецот, а сансеверијата успева дури и во позасенетиот дел од собата.
 
Без разлика каде е растението сместено, треба со лицето да биде свртено кон онаа страна од која доаѓа најмногу светлина. Џбунестите растенија, кај кои листовите околу стеблото се рамномерно распоредени, треба секојдневно да се свртат за да и другата страна биде свртена кон сонцето.
 
Растенијата во саксиите се сместуваат во собата на самите прозорци или на разни сталаци, кои најчесто се изработуваат од ковано железо.
 
Исклучително убаво може да се украсат прозорците кои не се отвораат секој ден, особено ако се пошироки. Тука од страна можат да се направат помали полици, висечки корпички направени од тенки летви и сл.
 


Извор: www.sezadomot.com.mk