„Скопје гитар трио“ ќе ја отвори 32-та Поетска ноќ во Велестово

 Вечерва, со почеток во 21.00 часот, на сретсело во Велестово ќе биде одржана 32-та Поетска ноќ во Велестово, посветена на поетското творештво на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски.
 
 Настанот, со мал музички концерт ќе го отвори „Скопје гитар трио“, основано во 2019 година од страна на Дарко Багески, Виктор Драганов и Георги Трајков, кои досега настапиле на неколку културни настани во Македонија.
  


 
 Дарко Багески е роден 1981 година во Скопје. Музичкото об­разование (нижо и дел од средно) го започнува како ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Јане Пенов. Матурира во Средното музичко училиште „Павао Марковац“ во Загреб, Хрватска, во класата на проф. Џевдет Сахатџија. Своите студии ги продолжува на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија, во класата на професорката Кристиане Шпаноф, а дипломира во класата на професорот Јурген Рост. Потоа, три години студира постди­пломски студии на Државниот Конзерваториум за музика во Со­лун – Грција, во класата на проф. Герхард Рајхенбах (Германија), а магистрира во класата на проф. Костас Коциолис (Грција).

Во текот на своето школување посетувал многубројни „мас­тер часови“ кај еминентни професори и педагози по класична гитара: Зоран Краишник (Србија), Томас Милер Перинг (Гер­манија), Лаура Јанг (Канада), Зоран Дукиќ (Хрватска), Аниело Десидерио (Италија), Никита Кошкин (Русија), Ернесто Битети (Аргентина), Карло Маркионе (Италија), Одаир Асад (Бразил), Павел Штаидел (Чешка).

Следел предавања по светска музика кај проф. Томас Фелоу (Германија) и предавања по методика на класична гитара кај проф. Моника Рост (Германија).

Претседател и основач е на Македонското Здружение на класич­ни гитаристи, како и уметнички директор и еден од основачите на Меѓународниот фестивал за класична гитара ТРЕМОЛО. Ос­новач е на Летната гитарска академија во Охрид.

Остварил многу солистички концерти и настапи во Македо­нија, Хрватска, Србија, Германија, Грција, Бугарија, Црна Гора, Шведска, Италија, Тајван, САД и Кинa.

Настапувал како солист со повеќе камерни оркестри, како и со Македонската Филхармонија.

Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.


 
  Виктор Драганов е роден во 2000 година во Скопје. Основ­ното музичко образование го стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски ЛУЈ“ Скопје во класата на проф. м-р Дарко Багески. Средното музичко образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски ЛУЈ“ Скопје во класата на проф. м-р Дарко Багески. Во моментот е прва година на Фа­култетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Дарко Багески.

Во текот на своето школување учеству­ва на многубројни државни и меѓународни натпревари во Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Германија каде што има освоено 7 први, 5 втори и 4 трети награди. Учествува на повеќе летни и зимски школи за гитара во Ох­рид, Суботица, Пореч и Плевен. Има посетувано „мастер часови“ кај професорите: Џевдет Сахатџија, Павел Штаи­дел, Зоран Аниќ, Срѓан Тошиќ, Ливиу Георгеску, Никола Монтела, Слободан Миливојевиќ, Росен Балкански, Стела Митева-Динкова, Антонио Фрускела.
 



  Георги Трајков е роден во 1997 година во Стру­мица. Основно музичко образование стекну­ва во Струмица во класата на проф. м-р Васко Пиличев. Средното образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски ЛУЈ“ во Скопје, отсек класична гитара во класата на проф. м-р Дарко Багески. Во моментот e четврта година нa Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Дарко Багески.

Во текот на своето школување учествува на по­веќе државни и меѓународни натпревари во Ма­кедонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Австрија, Германија и Италија каде што има освоено 7 први, 4 втори и 5 трети награди.

Учествува на повеќе летни школи за гитара, зимска школа за гитара во Суботица и акаде­мија за гитара во Охрид. Учествува на концер­ти одржани по различни поводи во Шпанската, Италијанската и Француската амбасада.

Во текот на студиите редовно учествува на кон­цертите организирани од Факултетот за музич­ка уметност во Скопје.

Активно посетува мастер часови кај еминентни професори: Џевдет Сахатџија, Томас Оферман, Зоран Краишник, Срѓан Тошиќ, Георг Шмиц, Јоханес Молер, Роберто Фабри, Франциско Мо­раис Франко, Горан Листеж, Јоргос Панетсос, Зоран Аниќ, Ијан Kауделак, Оман Камински, Костас Котсиолис.
Дарко Багески