Димитар Филиповски: „Љубовта кон Велестово трае веќе 20 години“, разговор за изложбата на скулптури во рамки на 32-та Поетска ноќ во Велестово

 Традиционално, покрај претставувањето на еден современ македонски поет, на Поетска ноќ во Велестово се поставува и изложба од еден современ македонски уметник.
 

 Годинава, на 32-то издание на манифестацијата, со изложба на скулптури ќе се претстави Димитар Филиповски. Скулптурите ќе бидат изложени во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово.
 
 
Ве знаеме како автор на две монументални скулптури во центарот на Скопје: „Цар Самоил“ и „Ченто“. Скулптурите се огромни, изработени од мермер и работени се во Италија. Кажете ни нешто за процесот на изработка на овие скулптури.
 
Пред сѐ, честа е огромна да се има можност да се постават ваков вид на големи и по формат и по значење споменици. Изработката на овие споменици е, всушност,  само една карика од развојниот пат кој јас го изодував во годините минати во ателјето на Томе Серафимовски. Така што, кога дојде време да се изработат овие споменици, техничкиот дел на изведбата беше рутина базирана на искуство. Оформени екипи на добри соработници и многу работа. Има долг пат на конструктивни подготовки пред да се стигне до моментот на уживање во моделирање. За клесањето во мермер беа задолжени вештите мајстори од Пиетрасанта, магичното место на извор на карара-мермер.
 

 
Потекнувате од семејство со долга традиција во леењето скулптури во бронза, а му бевте ученик на Томе Серафимовски. Како влијаеше оваа спојка на Вас како уметник?
 
Она што го добив од дома беше домашно воспитување и занает. Томе Серафимовски ме научи да го гледам светот. Да ги читам луѓето. Беше конекција помеѓу улицата и работата. Помеѓу мануфактурата и интелектуалата. Помеѓу плебсот и аристократијата. Водич за читање помеѓу редови. Ме научи на тајните коишто тој ги стекнал работејќи во ателјето на Аугустинчиќ и ми даде насока. Тоа е огромна придобивка за секој млад автор.
 
 
Вие сте натурализиран Велестовец, но и автор на скулптурата „Рис“ на самиот влез во националниот парк Галичица, што беше прво? Раскажете ни нешто повеќе за ова.
 
Ха-ха... прво беше заљубувањето во Велестово. И денес го паметам тој ден од пред дваесет години кога за првпат на покана на мојот сосед од Скопје, режисерот Антонио Митриќески, дојдов во Велестово да го посетам во неговата куќа. Оттогаш трае љубовта кон Велестово и да... многу сум среќен што се ,,натурализирав“.
 
А Господ ги реди работите, како што велат старите, и ми даде шанса пред петнаесет години да ја изработам во бронза скулптурата ,,Рис“  ̶ заштитеното животно на Националниот парк Галичица.


 
 
Од ревијата на Поетска ноќ во Велестово увидовме дека на изложбата ќе се претставите со скулптури и релјефи на лавови, што претставуваат тие за Вас?
 
Тие се мои чеда. Тие беа моја замисла и мој предизвик, сега веќе реализиран.
Секој скулптор ја бара својата форма, својот израз, тематика, инспирација. Во овој мој циклус решив да искористам една прастара тема во уметноста и својата зрелост и вештина да ја интерпретирам преку нив. Сега следи потрагата по нова инспирација...
 
 
Во Велестово свои изложби низ годините имале едни од најголемите современи македонски уметници и скулптори, на пример: Чемерски, Вангел Наумоски, Боро Митриќески, Масин, Коле Манев, Газанфер Бајрам, Славко и Никола Упевче, Сергеј Андреевски, Родољуб Анастасов, Владимир Георгиевски, Александар Станковски итн. Какво е чувството да се биде во ова друштво?
 
Секој човек, кој има човечки вредности во себе и што почитува традиција, може да биде само почестен доколку е дел од нешто што се нарекува создавање историја. Тежок е патот до секој успех и токму затоа да се биде дел од успешните, од една македонска елита продефилирана на Поетската ноќ во Велестово е огрома чест и задоволство, особено за еден натурализиран Велестовец.
 
 
Разговорот го водеше Марина Димовска



 
 
 
Димитар Филиповски е роден во 1975 г. во Скопје. Завршил средно уметничко училиште во ДСУПУ „Ла­зар Личеноски“ – Скопје и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Драган Попоски-Дада, во вајарскиот оддел. Стручно се усовршил работејќи како асистент во ателјето на академик Томе Серафимовски.

Од 2006 г. работел како професор по акт и приме­нето вајарство, а од 2012 г. работи како директор на училиштето ДСУПУ „Лазар Личеноски“ – Скопје. Од 1998 година во континуитет работи на изведба на големи споменици: „Мајка Тереза“ во Скопје, „Скопје 63“ во Скопје, „Милтон Манаки“ во Битола, „Симфо­нија на мирот“ во Скопје, „Наим Фрашери“ во Тетово, „Кочо Рацин“ во Велес, „Порака за мир“ во Нирнберг, „Господин Господин Доситеј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Охрид, „Св. Кирил и Методиј“ во Бел­град, „Пеце Атанасовски“ во с. Долнени, „Александар Македонски“ во Штип и други.

Учествувал на сите годишни изложби на ДЛУМ, во 2003 г. учествувал на „Еден скулпторски ракопис“ во МАНУ, Скопје, во 2008 г. бил дел од изложбата „108 Македонски уметници во Париз“, а во 2011 г. своите дела ги изложил на „65 Години на ДСПУ ,Лазар Личе­носки‘ – Скопје.

Меѓу неговите јавно изложени скулптури се: „Дожд“, природен камен, во Червара ди Рома, Итлија (1998), „Дивокоза“, бронза, 150 цм., во Маврово (2005), „Сила“, бронза, 140 цм., во Сарај – Скопје (2004), „Рис“, бронза, 70 цм., во Охрид (2006), „Лет“, бронза, 150 цм., во Струмица (2007), „Шмизла“, бронза, 180 цм., Скопје (2009), „Еееј!“, бронза, 180 цм., Скопје (2009), „Заљубе­ни“, бронза, 250 цм., во Скопје (2009), „Методија Андо­нов – Ченто“, мермер, 5 м., Скопје (2010), „Цар Самоил“, мермер, 5 м., Скопје (2011) и многу други.