Преображение Господово

  Денес се празнува Преображение Христово или Преображение Господово — христијански празник кој се слави секоја година на 19 август, односно 6 август според јулијанскиот календар. На овој ден се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.
 

Во три од четирите Евангелија се говори за овој настан: Матеј 17,1-9, Марко 9,2-8 и Лука 9,28-36. Според преданието, за да не ослабе верата на апостолите со неговото страдање и смрт кои претстоеле, и за неговите ученици да не отпаднат од него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од својата божествена слава. Затоа ги зел со себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобразил пред нив.
 
„И заблескало лицето негово како сонце, а облеката му побелела како снег, а покрај него се појавиле пророците Мојсеј и Илија. ... Потоа, сјаен облак ги опфатил Господ и учениците и дошол глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаале овој глас учениците паднале на земјата како мртви и останале така додека Господ не им пришол и им рекол: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17).“

Откако слегле од гората, Исус им заповедал да не зборуваат за тоа што го виделе, додека Тој не воскресне. Иако настанот традиционално се верува дека се случил на 40 дена пред распнувањето на Христос, тој се празнува на 40 дена пред Крстовден.

Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен. На Преображение се преобразува и листот и гората и каменот во водата, листовите почнуваат да жолтеат и да опаѓаат, а водата станува постудена па не е за капење. Кај луѓето на Преображение се случуваат промени-кој преку лето поцрнел, почнува да белее. На Преображение и небото , во глува доба три пати се преобразува. Кој тоа го види и на друг му каже, се верувало дека ќе го изгуби паметот. Според распространетото верување, на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде дремлив и поспан. Не е добро овој ден да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафана – да не им помине во навика и да не станат безделничари и расипикуќи. Преображение спаѓа во христовиот пост на кој жените постеле, а овој ден е обичај, никој, без исклучок да не мрси. Понекогаш се постело и поради дивите зверови. Било обичај тој ден да се јадат риби и ракови. Во некои краеви на Преображение се берат лешници и преку целата година се чуваат за лек, кога некој ќе го заболи увото. Се верувало дека, кога на болен ќе му се дадат вакви лешници да ги изеде, тој оздравува.

Според народното верување тогаш за првпат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.
 
Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се капеле во реките.
  
Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите.
 
Интересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов. Тој сведочи дека спроти празникот „Преобрʼжеʼјне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта. „На Преобр’же’јне си одет штркојте и ластојците. К’де Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.
 
Празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на Македонците. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на Македонецот па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.