32.Поетска ноќ во Велестово посветена на поетот Зоран Анчевски

  На 21 и 22 август, во с. Велестово ќе се одржи 32. Поетска ноќ во Велестово.

 Годинашната Поетска ноќ во Велестово е посветена на творештвото на поетот Зоран Анчевски, па со Вас споделуваме неколку песни и дел од интервјуто што во целост може да се прочита во Ревијата Поетска ноќ во Велестово, бр. 20. Разговорот го водеше Славе Ѓорѓо Димоски:
 


 Господине Анчевски, годинашново издание на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово е посветена на Вашето поетско творештво. Вие сте долгогодишен проследувач на оваа манифестација, сте држеле и беседа, така што ги знаете нејзиниот формат и концепт. Што мислите за манифестации од ваков тип и каде им е местото во рамките на Македонија, особено што десетина години е и меѓународна?
 
Секое признание или награда што му се доделува на човека, а особено на уметник, е всушност признание за неговата посветеност на работата или на уметноста што ја практикува со одредено умеење и љубов, како и за ефектите или резултатите што доменот во кој тој сиот се вложил ги има врз другите луѓе во заедницата кои, пак, од тие причини и му го доделуваат признанието на уметникот. Затоа сум му многу благодарен на одборот на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово што ова издание на поетската манифестација ми го посвети мене и на моето поетско торештво, оддавајќи ми со тој чин почит за мојата посветеност и постигнатите резултати во уметноста на поезијата. Особено ме радува фактот што ова признание доаѓа од манифестација со долго опстојување во нашата култура при што им укажала чест на речиси сите наши врвни поетски имиња од различни генерации и типови поетски писма. Манифестацијата ја следам (како учесник, беседник или љубопитник) уште од нејзиното основање и отсекогаш ме фасцинирала љубовта, преданоста и самопрегорот на организаторите во процесот на нејзиниот растеж од локална до меѓународна манифестација. Самото нејзино повеќедецениско постоење укажува на неопходноста за тоа постоење бидејќи заедно со Струшките вечери на поезијата, еден од најреномираните поетски фестивали во светот, ја сместува нашата земја високо на светската поетска мапа. Од друга страна, пак, овие два врвни настани ја имаат и значајната функција за одредување на курсот на современата македонска поезија низ презентација на афирмирани поетски имиња и опуси што може да имаат соодветни влијанија врз профилирање на поетските писма на одредени автори со добар слух и спремност за иновативни потфати кај нас. Затоа не треба да нѐ чуди постојаната виталност и стилска разнообразност на македонската современа поезија бидејќи ваквите манифестации ненаметливо, но постојано му принесуваат на македонскиот поет различни поетики на неговата творечка трпеза.
 
 
Дали поезијата може да се избори со денешницата? Не класичното: дaли поезијата може да го спаси светот, туку конкретно: дали може да се избори со денешница­та, односно колку современиот човек може да посма­тра, да забележува и да твори? Творечки да оговори на прашањата што ги поставува современиов начин на живеење?
 
Денешницата е „секогаш веќе“ остров на минатиот ден (што би рекол Умберто Еко), но уметноста, што значи и по­езијата, во најдобра смисла на зборот, тежнее кон вечнос­та, иако е условена од денешницата којашто и е неопход­на како дишење, исто како што и на секоја „денешница“ од минатото ѝ е неопходна уметноста. Затоа, уметноста и денешницата се еден вид антагонистичка структурализи­рачка структура што е во постојано движење, вортекс со извонредна енергија што извира од центрифугални и цен­трипетални сили што се меѓусебно условени. Но како никогаш досега, човечкото битие е изложено на неверојат­но брз развој во технолошка смисла, особено во сферата на медиумите и комуникацијата. А имајќи предвид дека уметноста суштински зависи од медиумската и комуника­тивната сфера, значи дека и таа е изложена на огромен притисок за брзо прилагодување кон новите медиуми а, како што гледаме, не е во состојба постојано да ги следи, ниту во квантитативна, ниту во квалитативна смисла. Како и да е, парадоксот на новото време е во тоа што кол­ку е човекот понапреден во комуникативните технологии (интернет, Фејсбук, Твитер, итн.), толку повеќе е сам и сѐ повеќе ја губи аристотелијанската функција на „зоон по­литикон“ или општествено битие, речиси завладеан од загадочната моќ на компјутерскиот екран. Имагологијата, или создавањето слика за себеси и за другиот, што до не­одамна се реализираше во посебни научни, идеолошки и/или политички центри, сега му е препуштена на аноним­ниот поединец кој честопати намерно ја димензионира во лажни или девијантни претстави како за себеси, така и за другиот. Следствено, светот сѐ повеќе живее во сѐ поголе­ма лага, поединецот сѐ повеќе ја губи моќта да си верува самиот себеси, станува заробеник на самопроектираната лажна претстава за себеси, а впрочем тука се и бројните лажни вести на дневна основа за да му помогнат во тоа би­дејќи имаат сѐ поголема улога во создавањето на големата лажна слика за светот. Во неа сите класично познати сис­теми на вредности се подриени, но (барем засега) без мож­ност да бидат заменети со нови, поквалитетни системи.
 
Слично е денес и со поезијата. Сведоци сме на сѐ поголе­ма продукција со ниско вредносно рамниште на глобално ниво. Поетската сликовитост, фигуративност, мудрост, иронија и сл., како да се преселија и первертираа на со­цијалните мрежи и твитерајот, претворајќи се во евтини, петпарачки стихоклепства со квазипоетичност и честопа­ти со навредлива или денунцијантска намера, со цел да се урива, навредува, потсмева... Како резултат на тоа, а и на кукавички удобната псевдонимност или анонимност што социјалните мрежи му ја нудат на поединецот како опција, расте говорот на омраза, шовинизам, неонаци­зам, и сл. Се загушуваме и давиме во плиткоста на умот, се задоволуваме со површни задоволства и доколку вак­виот тренд продолжи, тогаш, како што вели Мери Шели во погоре наведеното дело, слободно може да ѝ речеме, „збогум на уметноста, збогум на елоквентноста...“.
 

 
 
Историја
 
Кога месечината
е излупен портокал
што дрочи во ноќта –
Минерва, бувот,
потамина излетува во мракот
и ревносно,
со радосно уво,
го слуша секој мрмор
од претходниот ден,
го следи секој грч во сонот,
наслушнува, ја заушува
најтивката љубовна воздишка
и без ништо да нарушува,
со сателитска прецизност
ја наоѓа својата жртва.
 
Потем дење,
кога сонцето е калаисано котле
што се тркала и ѕингара по небото,
кога безглаво итаме
кон нашиот одложен крај
и немаме време да се видиме,
да видиме
кој од нас го нема, ни фали,
 
таа спокојно, во своето дувло,
уловот си го прежива и вари.
 
 
 

 
Неписмена песна
 
 
Оваа песна сака во детаљ да го опише
смрдливото лето и небото распарчено
на електрични огради од букви
и опасни азбучни зони.
 
Оваа песна сака да биде странец
кој никогаш не тргнал на пат
но ноќта ѝ ја наврела капата на шутот
со ѕвончиња и крстопати.
 
Оваа песна е формулар за прием во светот
но раката што ја пополнува
се тресе како мандолинска жица
и измислува ново клинесто петолиние.
 
Оваа песна е неписмена песна.
Не умее ни стих да си прочита.
Не знае ни наслов да си напише.
Немоќна е автор да си најде.
 
Пелтечи гурабии.
Квачи муќуци.
Се потпишува со палец.
 
Добива награди.
 
 
 

 
Небесна пантомима
На душата
 
„Моли се за мене сега и во часот на моето раѓање“
Според Т. С. Елиот
 
Само ти, душо моја, умееше да се справиш
со острите копја на моите зборови
и со скипнатата тежина на угарот во мене.
 
Сега твоето тврдокорно отсуство
ме пронижува како лист ситен тутун
што се суши на скржаво есенско сонце.
 
Домот ми е премал за чекорите
чија упорност ги заокружува аглите
и ги населува со топли леи од ветувања.
 
Се претворам во млечен прав што по вторпат
се таложи во темелите од древна црква
во текот на еден човечки живот.
 
Но друг спомен, освен за тебе, душо, немам.
Талкам од еден крај до друг крај
на сопствената пустина без оази –
 
ги бројам убавите денови закачени
на оптегнат сончев лак од скудно лето
што не дозволува мигови на каење
 
во привидот на овој живот
што како сидро се спуштил на дното
од една бескрајна небесна пантомима
 
и спокојно го чекам моето ново раѓање.
 


 
 Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Досега ги има објавено стихозбирките Патувања низ скршени слики (1984), Стратегија на поразот (1994), Линија на отпорот (1998), Превод на мртвите (2000) Див мир (2004), Историја на ветрот (2009), Небесна пантомима (2018) како и обемната студија За традицијата (2007). Автор е и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик, а речиси да нема позначаен македонски автор што не го превел на англиски јазик. За своето творештво ги има добиено наградите Студентски збор, за најдобра дебитантска книга (1985) престижното меѓународно признание за поезија Ѓакомо Леопарди (Реканати, Италија, 2004) и „Браќа Миладиновци“ (2018). Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар, чиј секретар бил во два наврата и е сегашен негов претседател. Од 2003-2007 година бил и претседател на УО на „Струшки вечери на поезијата“, а сега е член на Уметничкиот совет.