Промоција на поетската збирка "Големата прегратка" од Павлина Атанасова

 Промоцијата на првата стихозбирка од Павлина Атанасова  ̶ „Големата прегратка“, во издание на ПНВ Публикации, ќе се одржи на 13 август 2020 година на платото пред Младинскиот културен центар  ̶ Скопје, со почеток во 20 часот.
 
Низ разговор со авторката, книгата ќе ја претстави Јулијана Величковска.
 
За стихозбирката, книжевна рецензија напиша и поетесата Снежана Стојчевска, која ќе биде промотор на оваа книга на штипската промоција закажана за септември, годинава.


 
КОН ПОЕТСКАТА КНИГА „ГОЛЕМАТА ПРЕГРАТКА“
ОД ПАВЛИНА АТАНАСОВА
 
 „Големата прегратка“ на Павлина Атанасова, во издание на издавачката куќа ПНВ Публикации, е таква поетска книга по каква копнееме ние вљубениците во поезијата. Уште од првата прочитана песна, од првиот стих, почувствував пеперутки во стомакот и желба да истражам повеќе за оваа млада аторка која своето деби го има токму со оваа книга. На книгата ѝ пристапив со возбуда, но и со неизвесност дали авторката успеала да го одржи нивото на квалитет низ целата книга во однос на песните кои беа претставени на една интернет страна. Тоа што го доживеав како поетско искуство низ оваа книга е чиста поетска радост и конекција. Вакво препознавање, преклопување и кликнување е реткост и токму затоа е бесценето. Атанасова со својата поезија ме обви во голема прегратка. Тоа е искрена, исконска, интензивна прегратка која ќе остане врежна во моето поетско битие засекогаш. Токму поради тоа чуствувам потреба да дадам еден свој личен осврт кон оваа книга, за на некој начин да возвратам за прегратката која со толкава радост ја примив.

На прво читање може да се забележи дуалната природа на поезијата на Атанасова. Од една страна таа е лесно приемчива, питка и едноставна, но ако малку повеќе навлезете и се задлабочите во неа ќе видите колку, всушност, е длабока, многуслојна и повеќедимензионална. Поетскиот јазик е нежен, лиричен и светол, но пишува со длабочина на некој кој ја погледнал темнината в очи. Самите термини светлина и темнина се често спомнувани во книгата, исто како и зборот снег кој е симбол за чистота, светлина, како и зборот душа, како симбол за конекција со другиот свет, но и зборот дрво како симбол на животот. Во „Песната“ посветена и инспирирна од поетот Песоа вели: Сите бои се во очите, а, сепак, очите се очи. / Темнината — темнина, светлината — светлина. А, сепак, / зад светлината — темнина, зад темнината — светлина. / Да се отвори прозорецот, / или да се сонува отворањето на прозорецот. / Да се сонува отворањето на прозорецот / или да се сонува што би имало зад него? / Да се сонува, тоа е важно. /  Сѐ е тука и некаде. Тука и некаде е сѐ. Ако треба да ја опишам со боја, тогаш за мене поезијата на Атанасова е бела. Многу интересен е фактот што поетесата Јулијана Величковска, која воедно е и издавач на оваа книга, поезијата на Атанасова ја споредува со сината боја и го препознава синилото и водениот принцип насекаде низ поезијата. Оттука, се наметнува мислењето дека оваа поезија, како и секоја квалитетна поезија, е огледало во кое се огледуваме ние самите. Јас ја препознавам белината, Величковска синилото, некој трет можеби би видел некоја трета боја или, пак, виножито, бидејќи Сите бои се во очите. Но не секоја поезија може да биде наше огледало, во некоја ќе се огледаме и нема воопшто да се видиме.

Формата е прецизна и стегната, нема вишок зборови, ниту, пак, непотребно расплинување. Авторката во ниеден момент не је губи поетската концетрација. Нивото на квалитет што го поставува на почетокот на книгата го држи докрај. Книга не е подлена на циклуси, и нема потреба од тоа, бидејќи претставува една целина.



Тоа што најмногу ме привлекува е филозофската и духовна димензија, но и хуманизмот и семејниот принцип во оваа поетска книга. Духовноста е сеприсутна, но не толку монашко-аскетски во христијанска смисла, туку повеќе во духот на зен будизмот и источните религии. Ова се забележува не само во содржината на песните, туку и во самата форма и конструкција на песните. Ова може да се илустрира со песната без наслов за мајката што дои: Една мајка дои дете. / Детето се подава кон птиците со трошки во рацете. / Птиците одлетуваат. Токму кратките песни ми се најфасцинантни. Во нив има рафинирана и кондензирана поетска мисла. Атнасова со малку зборови успева да каже многу, да наслика поетска слика, па дури да прикаже и цела филмска сцена во неколку стиха како што тоа го прави во песната „Мртва природа“: Кога веќе сѐ беше спакувано и куферите стоеја до влезот, / го погледнав, за последен пат, домот што го напуштавме. / Остана само она што не можевме да го понесеме со нас  ̶ / кружна масивна маса со цвеќе од дворот, / едно пресечено јаболко, чаша вода, сеќавање на смртноста. Сликовитоста или визуелноста е она што плени и преку кое поезијата се гравира во поетската свест на читателот. Песната која ќе ја видиме никогаш не ја забораваме. Поезијата на Атанасова е налик бонсаи дрвце кое не се сади во центарот на саксијата, туку настрана, но расте криво и крошната повторно доаѓа во центарот и така постанува точката во која се среќаваат небото и земјата, чинејќи ја така свето место.

Една од најзначајните карактеристики на оваа поезија е интертексуалноста, не само во книжевна смисла туку на ниво на уметноста, воопшто. Оттука, може да се каже дека низ песните во „Големата прегратка“, Атанасова ни подарува тајна мапа на богатства, која треба да ја одгатнеме и откриеме за да може да ја осознаеме повеќеслојната димензија на оваа поезија. Потребно е да имаме предзнаења, но и да истражуваме, од приказната за ќерките на Лот во Библијата, преку грчкиот мит за Ниоба, филмовите на Тарковски, песните на Џон Ленон, поезијата на Џон Китс, Песоа, Селан итн.

Сите три карактеристики што ги издвоив, зен будизмот во формата и стилот на изразување, сликовитоста и интертекстуалноста се испреплетуваат и истакнуваат во „Песната на морето“ посветена на пијанистот Глен Гулд: За да ја чуеш песната на морето, најди го звукот на реките понорници.

„Големата преграта“ за мене е ковчеже со скриено богатство. На секое отворање ќе најдете некој нов бесценет стих кој останал скриен при претходните читања. Нешто што првично не сте го забележале, ќе ви покаже и ќе ви отвори нови доживувања. Затоа може да се каже дека ова е книга што може да се чита безброј пати. За вакви поетски доживувања вреди да се живее, затоа што ја прават полесно поднослива реалноста со која сме опкружени секојдневно, давајќи ѝ смисла на бесмислата.