"Зборовите на безгласната девојка" - првообјавена книга на Ивана Јанева

  Деновиве од печат излезе прозното првенче на Ивана Јанева – “Зборовите на безгласната девојка”.

 Ивана Јанева е родена на 19.07.1988 година во Скопје, а живее и твори во Пробиштип. Студент е на Филолошкиот факултет при УГД.  Пасијата кон пишувањето ја има  уште од основно образование. Учествувала во разни драмски секции, конкурси и литературни натпревари.



  Во 2014 година Ивана ја креира својата фејсбук - фан страна "Зборовите на безгласната девојка" посветена на нејзини текстови, кои подоцна ги објави во книга, нејзино првенче. Книгата “Зборовите на безгласната девојка” од печат излезе овој месец (јули, 2020), а секој кој сака да ја набави, тоа може да го стори директно преку авторката – да ја исконтактира на фан-страната или нејзиниот приватен фејсбук профил.

 Не станува збор за роман, ниту за раскази, бидејќи зад овие кратки текстови се кријат зборови, безгласни пораки кои вриштат од дното на душата. Инспирацијата ја црпи од својот живот, од животот на блиските, но и од луѓе кои се на минување, како дел од нејзиниот пат.

 За себе вели дека е голем емпат. Човек кој лесно може да ги почувствува туѓите емоции, а уште полесно да допре до душата на читателот. Ликовите што ги креира извираат од длабочината на нејзината душа. Таа е авантурист, таа е дете, романтичар, воин, принцеза, херој, маж, волшебник, чудак, жена, пријател. Тоа се безброј карактер, едноставно и  умешно претставени. Секоја нејзина приказна е базирана на делумна вистина. Вашата. Дозволете и на оваа безгласна девојка да Ве води низ кањоните на љубовта, храброста, тагата, среќата - преточени во магично заводливи зборови.