Објавена првата стихозбирка на Павлина Атанасова - "Големата прегратка"

 Деновиве од печат излезе првата стихозбирка на Павлина Атанасова  ̶ „Големата прегратка“, издание на ПНВ Публикации.
 
„В раце ја држиме дебитанската книга „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова и веднаш да кажеме дека  имаме книга песни со силни чувства и непосреден поетски израз што импонира.  Возбудливо, страсно и вдахновено пеење за љубовта и други емоции кои се доживуваат како глас на секојдневното и пеејќи за стварноста се открива внатрешната драма на модерниот човек. Книгата претставува своевидна поетска хроника на растреперена поетска душа која се стреми да влезе во актуелните кругови на најновата македонска литература.

Еве една  минијатура што го потврдува нејзиниот прецизен поетски глас: ПЕСНАТА НА МОРЕТО / на Глен Гулд / За да ја чуеш / песната на морето / најди го звукот / на реките понорници.“, за книгата рече Славе Ѓорѓо Димоски.
 
Во продолжение, избор песни од стихозбирката:
 
ДА СЕ РАЗБЕРЕ ПРВО
 
 Ноќе, кога навредата е потешка, а простувањето полесно,
зад нечистите стакла, патниците не ја гледаат природата
туку своите души. Што да ѝ се каже на душата своја
 
кога така блиску ќе се доближи до прозорецот,
како да се разбере нејзиниот молк, нејзината самотија,
кога има толку многу патници во овој воз, во овој кораб,
 
има ли земја надвор, има ли земја, треба да се разбере прво,
 
а дури потоа душите што играат со разлетаните гулаби.

 
НА СЕСТРА МИ
Кога ќе пораснам сакам да бидам среќен.
— Џон Ленон
 
Никогаш не сум имала само мој кревет.
Затоа сум среќна.
 
Ако сонуваш нешто лошо фати ме за рака,
велиш полугласно. Мама ја гаси ламбата.
 
Зад клепките носиме ист свет.
Црвенкапа минува низ шумата.
 
Потоа никнуваат згради и нашиот сон
се разделува.
 
Низ две точки минува една права.
Меѓу нас заспиваат нашите љубовници.
 
Бесконечно многу прави минуваат низ една точка.
Креветите се шират.
 
Кога ќе пораснеме сакам да бидеме среќни.
Мама ни ги бакнува очите.


3
  
Над полицата со облека за спиење
баба ја реди облеката за умирање.
Чевлите мора да бидат нови.
 
Денес наполни седумдесет.
Облеката за во болница
бела и нова ноќница
ѝ ја подари на мајка ми. Таа мене
 
невестинскиот фустан.
Мора да биде облечен трипати.
 
 
 
 
 
НЕБИДНИНА
 
 
бездетно небо
 
јас сум
 
ти
 
птица
 
 
СИНА ПЕСНА
  
Како да се напише сина песна?
Да се стави сад со мастило во рацете на Хефест
 
пред почетокот на падот.




 Павлина Атанасова е родена на 20.9.1993 година во Штип. Дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ — Штип.
 Пишува поезија и кратки раскази. Застапена е во изборот поезија „Метрички карван“ за 2019 г., издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ — Гевгелија. Нејзини песни и раскази се објавени и во неколку периодични списанија.
"Големата прегратка" е нејзина прва стихозбирка.