Свети апостоли Петар и Павле - Петровден

Денес православните верници го одбележуваат еден од најголемите празници после Велигден – Петровден. Празникот е посветен на Апостол Петар а се слави секоја година на 12 јули.

Еден од најзначајните настани на Петровден е почетокот на традиционалната Галичка свадба.

По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.
Според некои народни верувања Петар и Павле се иста личност, според други, пак, тие биле браќа. Во народното верување Петар бил богат и сербес (кабадахија), а Павле сиромав и праведлив. Меѓутоа, како што е познато Петар не бил брат на Павле туку на Андреј, наречен Првоповикан затоа што бил првиот Христов ученик.
 
 Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј чоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? -Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт”.

 Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.