Во пресрет на големиот празник - за чудата на Свети Наум Охридски

 Преподобниот Наум Охридски – Чудотворец има два празника, едниот е во зимскиопт период и се празнува на 5 јануари/23 декември, а другиот во летниот период на 3 јули/20 јуни.

  Поради тоа што во зимскиот период одењето на манастир било отежнато поради временските услови, а и поради тоа што празникот е непосредно пред големиот празник Рождество Христово – Божик кога верниците се подготвуваат да го празнуваат Рождеството Христово со одлука на Светиот синод е решено празнувањето да се префрли на овој термин.
 
Свети Наум се слави и возвишува  како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност.

Но свети Наум е и  заштитник  на манастирот, и секогаш ги  наградувал оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот а ги казнувал  оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот.



За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим, кон крајот на 867 или почетокот на 868, бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

 Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла - собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.
  
Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец.

Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од Љубаништа го носел во областите Подунавје и Романија каде што собирал помош за манастирот се вели: „Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж...“ Кога се вели неверници се мисли на припаднците на други вери, пред сè, на муслиманите.
 
Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание, еднаш кога дошле на гробот на свети Наум, неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко“.
 
Во житијата, Службата како и во Молитва кон св. Наум се среќаваат податоци за чудата на св. Наум коишто се среќаваат и во народните преданија. На пр., во Првото словенско житие, коешто според некои показатели е пишувано од лице што лично го познавало светителот, зашто на едно место вели „оти јас знам дека повеќе од ова сториле отците и сториле многу чуда, но ова е сè што ни раскажале, а другото го сокрија од своја скромност“. Значи, нивни современик зборува за чуда случени уште додека светителите биле живи. Оттука можеме да заклучиме дека уште живи тие се прославиле со многу чуда. И во Второто словенско житие се споменува овој аспект од животот на светителот. „Бог, пак, го прослави него со големи чуда, и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува“.Во „Молитвата кон свети Наум Охридски исцелител на болни“ молејќи се за здравје на болниот верниците му ја напомнуваат на светителот неговата Божја дарба да лекува болни: „Сега уште ти се молиме и за слугата божји (се кажува името), кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради свој грев, или грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради грев го снајде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Господа Кој Те прославил да му го прости гревот и од болеста да го исцели“. И во Службата за св. Наум се нагласуваат исцелувањата од моштите на светителот: „Купот на твоите мошти, прочуен Науме, извира исцеленија“, се вели на едно место, а на друго: „Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште на душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржител“.
 
 Но споменот на свети Наум најмногу останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.) иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви.
 
Во преданијата и легендите се раскажува за изборот на местото, за лекувањето на лица од страна на светителот и подарување имот на манастирот, за подарување на камбани и други дарови на манастирот, итн. Се раскажува за изборот на местото за изградба на манастирот: „Кога починал свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел свети Наум на Земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: ʼОна е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогашʼ. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро“, заклучува народниот раскажувач.
 
Меѓу преданијата и легендите се раскажува и за канењата за панаѓурот, за лебот што се давал пред манастирската порта, а што бил и гаранција за патниците да не бидат ограбувани од разбојниците, за тоа дека св. Наум ги благословил плуговите од Трпејца, воловите од Тушемишта, се раскажува за Охридското Езеро, за лековитиот извор, зошто во Љубаништа не паѓа град, за почитувањето на манастирот од Бекташите, од Еѓупците, за лекување на болни од страна на св. Наум и тоа од најразлични болести, (неми, слепи, луѓе што не можат да одат, душевно болни, итн.). Среќаваме и преданија со верувањето дека свети Наум е жив, односно такви во кои се раскажува за облогот дека чашата или грнето, или бокалот со вино, пуштен од прозорецот нема да се скрши, или да се истури. Тоа навистина се случило, но светецот му се јавил на сон на оној што се обложувал и го прекорил да не се обложува повеќе зашто тогаш бил близу и дошол, а ако бил подалеку можело да се случи манастирот да биде претворен во џамија или да бил одземен од страна на бегот.
 
Се раскажува и за повеќе диви животни што откако направиле штета светецот ги донесол на манастирскиот имот да ја одработуваат штетата. Мечката што го изела волот самата се прегнала да ора додека не се исплати изедениот вол. Кон преданието „Св. Наум и мечката“ Кузман Шапкарев додал: „Слични приказнички и преданија за св. Наумовите чудеса изобилуваат во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението без разлика на вера и народност кои ги манифестира кон св. Наума“. Во некои преданија се работи за волк што ора на местото на волот, а во едно предание волкот што ги изел кучињата самиот дошол да го чува манастирот. А кога манастирските момци го отепале, игуменот ги прекорил зашто тој бил доведен од светецот „за да биде жив сведок за силата на свети Наум“. За преданието за свети Наумовата мечка, но и за интернационалната димензија на мотивот споредбена студија објави словенечки фолклорист Милко Матичетов. Итн.
 
 Во овие народни умотворби се раскажува и за оживување на дете што е во безсознание, за спасен човек во авионска несреќа, за излекување на повреден Германец, за добивање рожба по десет, дванаесет или тринаесет години и по молитви пред светителот, за казнувањето на арамиите што убиле припитомена срна, за казнувањето на крадците, на тие што се мајтапеле со св. Наума, на тие што сечеле во вакафски имот, на тие што сакале нешто да земат од манастирот (бакарно табаче, манастирски маски, манастирска мачка, иконче, прибор за јадење, шише ракија, сребрена виљушка, две гуски, патка, итн.).

 Култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и сè уште се создаваат што од една страна зборува за сè уште живиот култ на светителот, а од друга страна за сè уште живата фолклорна традиција во Македонија.



Фото на насловна: Ана Георгиеска