Зошто кефирот е помоќен пробиотик од јогуртот?

 Кефирот е напиток сличен на јогуртот, бидејќи се добива на сличен начин, со ферментација. Ферментацијата ја врши специјална ,,кефирна култура” која е комбинација од габи и бактерии.

Крајниот продукт – кефирот – е кремаст, течен напиток, со специфичен киселкаст вкус.
 
Традиционално, кефирот потекнува од Кавказките планини и е традиционален за руската и кујните на земјите околу Кавказ. Во последно време, на запад, па и кај нас, овој напиток станува особено популарен, а тоа е случај поради низата од корисни дејства и неговиот специфичен вкус. Така, кефирот е достапен во поголемите ланци на маркети, но можете и самите да го подготвите.

Најчесто, се подготвува од различни животински млека, но може да биде подготвен соодветно и од растителни, како кокосово и оризово. Сепак, подготвениот кефир од растителни млека не ги има истите бенефити. Бидејќи овој пијалак е ферментиран, тоа значи дека млечниот шеќер, односно лактозата, многу слабо се задржува во крајниот продук. На тој начин, овој напиток е погоден и за луѓето кои имаат интолеранција на лактоза.
 
Во продолжение, неколку од најважните корисни својства на кефирот за човековото здравје:
 
1) Кефирот е одличен извор на повеќе хранливи материи

Во само 175ml од овој напиток се содржи:
 
• 4g протеин
• 10% од Дневно Препорачаниот Внес за калциум
• 15% од ДПВ за фосфор
• 12% од ДПВ за витамин Б12
• 10% од ДПВ за витамин Б2
• 3% од ДПВ за магнезиум
• солидна количина на витамин Д
 
Содржи 100, 7-8g јаглехидрати и 3-6g маснотии, во зависност од млекото кое се користи.
 
Дополнително, кефирот содржи низа на биоактивни компоненти, вклучително органски киселини и пептиди кои се од бенефит за организмот.
 
2) Кефирот е помоќен пробиотик од јогуртот

Не сите микроорганизми кои ги внесуваме со храната ни прават штета, напротив, некои од нив можат да бидат и од голема корист. Такви се на пример пробиотиците од ферментираната храна.
 
Научните студии ни откриваат сè повеќе начини на кои пробиотиците, или корисните микроорганизми влијаат позитивно врз здравјето: врз дигестивното, менталното здравје, на намалувањето на прекумерната телесна тежина итн.
 
Јогуртот се смета за најдобар пробиотик во западната кујна, но кефирот е всушност многу подобар извор на пробиотски микроорганизми.
 
Стартер културата за правење кефир содржи преку 60 различни бактерии и квасци, што го прави кефирот особено моќен пробиотски извор. За разлика од кефирот, стартер културите за млечните продукти се составени од само неколку видови бактерии, а квасци воопшто и не содржат.
 
3) Поседува моќно антибактериско дејство

Некои пробиотици од кефирот се смета дека имаат заштитно дејство од инфекции.
 
Ова гo вклучува пробиотикот Lactobacillus kefiri, кој е уникатен за овој напиток.
 
Студиите покажуваат дека овој пробиотик може да го инхибира или запрен растот на различни патогени бактерии, вклучително Salmonella, Helicobacter pylori и некои од штетните видови на Escherichia.
 
Keфиранот, вид на јаглехидрат присутен во кефирот, исто така во некои истражувања покажал антибактериски својства.
 
4) Кефирот може да го подобри здравјето на коските и да го намали ризикот од остеопороза

Остеопорозата е многу често заболување на коските, кое е особено присутно кај повозрасните жени и се одликува со енормно зголемен ризик од фрактури или скршеници.
 
Обезбедувањето на соодветен внес на калциум, се смета за еден од најефективните начини за да се подобри здравјето на коските и да се превенира или запре прогресијата на остеопорозата, но и други коскени заболувања.
 
Полномасниот кефир не само што е добар извор на калциум, туку има и сосем солидни количини на витамин К (поточно К2). Овој витамин игра клучна улога во метаболизмот на калциумот. Суплементирањето со овој витамин се покажало како особено успешно во намалувањето на ризикот од скршеници на коските за дури 81%.
 
Дополнително, некои студии на лабораториски животни укажуваат на тоа дека кефирот исто така, може да ја зголеми способноста на организмот за апсорпција на калциум.
 
5) Неговите пробиотици можат да бидат решение за различни дигестивни проблеми

Пробиотиците од кефирот можат да го одржат или вратат балансот на корисните бактерии во цревната микрофлора.
Заради овој ефект, студиите покажуваат резултати според кои кефирот е особено ефикасен во лекувањето на некои форми на дијареа.
 
Низа од научни студии велат дека кефирот може да биде солиден третман за синдромот на иритантни црева, но дури и за чирови во дигестивниот тракт кои се предизвикани од инфекциите со бактеријата H. pylori.
 
6) Кефирот може да помогне при алергии и симптоми на астма

Алергиските реакции се предизвикани од воспалителните процеси во телото, предизвикани од одговорот на организмот на внесот на одредена храна или некои супстанци од различна природа.
 
Луѓето со пресензитивен имун систем се посклони на алергии и состојби кои водат кон астма.
 
Иако се потреби повеќе клинички студии, сепак во спроведените анимални, кефирот покажал одредени својства кои го супресирале воспалителниот одговор поврзан со алергии и астма.
 
Дополнителни корисни дејства на кефирот:
 
• нежна кожа – кефирот содржи алфа хидрокси киселина, популарна состојка во производите за нега на кожата
• одличен извор на протеини, а релативно малку калории
• извор на значајниот витамин Д кои има огромен број на физиолошки функции во организмот
• може да влијае позитивно на намалувањето на високиот крвен притисок
• да помогне при непријатните гасови
• погоден за дијабетичари, како и кај уринарни инфекции.


Извор: www.drmitov.mk