Одржана промоцијата на стихозбирката "Двоумење" од Ива Дамјановски

 Синоќа, со почеток од 19 часот на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје се одржа промоцијата на најновата стихозбирка од Ива Дамјановски ̶ „Двоумење“, во издание на ПНВ Публикации.
 

Низ разговор со авторката, книгата ја претстави Јулијана Величковска, а стихови читаше Ѓоко Здравески.
 
По тој повод поразговаравме со Јулијана Величковска, издавач и модератор на настанот.

По подолго време во нашата земја, конечно, се одржа културен настан што беше отворен за публиката. Какво е чувството по средените впечатоци од синоќешната промоција?
 
Токму така, по подолго време, конечно, благодарение на беспрекорната организација на Младинскиот културен центар, се случи еден убав книжевен настан, кој, со оглед на ситуацијата, може да се каже и дека беше одржан пред многубројна публика.
 
Чувството што преовладуваше меѓу сите присутни беше една нескриена радост дека во време кога медиумите нѐ бомбардираат со информации во врска со коронавирусот, разно-разните партиски препукувања во овој предизборен период и ретките излегувања оддома, конечно, навистина ни требаше еден ваков убав и весел настан од културата. Се радувам што вчеравечер ја промовиравме најновата стихозбирка од една наша млада и исклучително талентирана авторка, Ива Дамјановски. И особено ме радува што со овој настан внесовме малку ведрина во случувањата во градот.
 

 
За впечатоците по одржаниот настан ја прашавме и поетесата Ива Дамјановски.

Вчеравечер, во една опшутена атмосфера, на отворен простор, се одржа промоцијата на Вашата втора стихозбиртка „Двоумење“. Какви се Вашите впечатоци по одржаниот настан? Добивте ли веќе некаков фидбек од читателите?
 
Многу сум задоволна од вчерашната промоција. Благодарност до МКЦ и ПНВ Публикации за одличната организација и, секако, за мерките за заштите што беа целосно испочитувани.
 


Атмосферата беше опуштена и пријатна, благодарение на одличното модерирање на настанот од страна на Јулијана Величковска и прекрасната интерпретација на моите стихови од Ѓоко Здравески.
 
Да, првите впечатоци од читателите веќе пристигнуваат и многу ми е драго што мојата поезија допре до толку луѓе притоа, според нивните изјави, на толку длабоко и интимно ниво. Секој ваков фидбек е многу драгоцен и значаен за авторот.

Се радувам и што реакциите на посетителите на самата промоција беа позитивни и мило ми е што моите стихови беа претставени во убаво светло и звучно се доближија до читателите.
 
 
 Поетот Ѓоко Здравески, кој на синоќешната промоција читаше избор од песните застапени во стихозбирката „Двоумење“, за поезијата на Ива Дамјановски ќе подвлече:
 
„Ива Дамјановски е од оние автори на кои им се радувате кога ги читате. Се радувате што некој толку талентиран решил да пишува. Таа е музичар по образование, па не е чудно што поезијата ѝ е еуфонична и што е полна со рими и со игри на зборови. Пишува едноставно, со обичен, секојдневен јазик, но пишува строго и луцидно созерцнува во стварноста што ја живее. Таа созерцателна моќ е најважниот талент од изобилството таленти што Ива ги поседува.
 
Во песните се чувствува и разочарувањето од физичката стварност, од хаосот во светот, се чувствува и гневот во немоќта нешто да се смени во светот полн војни и очигледни неправди, но се чувствува и потребата да му се пркоси на тој хаос, ако со ништо друго, тогаш барем со уметност. Да му се каже на светот: тука сме и гледаме што се случува, гледаме што правите. И сето тоа да се зачини со суптилен хумор и со слатко-кисела иронија и насмевка скриена под мустаќ.“
 
 
Додека, пак, Јулијана Величковска ќе рече:
 
„Ива пишува како да плете чорапи. Со пет тенки игли. Внимателно, прецизно, котелец по котелец. Со тенко испреден волнен конец. Без украси. Плетката е проста и строга, чорапите се топли, но пецкави...“



  Ива Дамјановски (1996) е родена во Скопје. Дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Автор е на стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок), добитник на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис и на второто и дополнето издание на истоимената стихозбирка издадена во 2019 г. од ПНВ Публикации. Автор е и на една научна статија и труд од областа на музиката.
Нејзината поезија е преведена на српски, на хрватски и на словенечки јазик. Застапена е во ревијата „Рукописи 40“ (2017), како и во панорамата „32 македонски поети. Гласови на новиот век“ (2018, ПНВ Публикации). Учествувала на „Астални проекции“ и нејзината поезија е застапена и во монографијата за оваа манифестација (2019, Бегемот), а учествувала и на многу други поетски читања во Скопје. Дел е од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda“ и на концертните проекти „Монохроматика“ и „Монолози“ изведени во 2018 г.



Автор на фотографии: Мартина Петреска