ЦЈЗ: Површинската вода на охридското крајбрежје е од I и II класа, односно оценeта како ОДЛИЧНА!

 Во согласност со својата дејност и надлежности за вршење на континуиран здравствено-еколошки надзор, Центар за јавно здравје Охрид  од 13 до 26 мај 2020 изврши земање и физичко-хемиска и микробиолошка анализа на примероци на површинска вода од источниот, северниот и западниот крајбреен дел на Охридското Езеро, од 32 мерни места од “Св. Наум” до село Радожда.

Комплетните анализи на квалитетот на водата во крајбрежниот дел на Охридското езеро од македонска страна беа извршени во лабораториите на Центар за јавно здравје Охрид, а резултатите од физичко-хемиската и микробиолошка анализа на земените примероци на површинска вода покажуваат дека водата во крајбрежниот дел, односно делот кој се користи за капење и рекреација на Охридското езеро, од македонска страна, во втората половина на мај, 2020, припаѓа на I и II класа, односно е оцената како ОДЛИЧНА.

Според тоа и согласно Уредбата за класификација на водите, водата во крајбрежниот дел на Охридското езеро од македонска страна е погодна за капење, спорт и рекреација.

 Во наредниот период ќе бидат земени и анализирани примероци на вода од реките што се влеваат во Охридското езето од македонска страна.
 
Центар за јавно здравје Охрид, контиnуирано, во текот на целата летна сезона ќе ја следи состојбата со квалитетот на површинската вода во Охридското езеро и навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за резултатите од извршените анализи.