Јоргован - едно од најубавите пролетни растенија

 Јоргованот потекнува од Турција, а кај нас се одгледува како украсно дрво во градината и режено цвеќе. Постојат повеќе од 1000 видови со различна големина и цветови, а растат од 2 до 10 m.
 
Има срцелики листови и мали цветови групирани во грозд, во бела, жолта, розова, виолетова, сина и црвена боја, но кај нас најчесто се сретнува виолетов и бел. Цветовите имаат јак мирис, а големи се 5-10 mm, едноставни или дупли. Во зависност од видот, цвета од април до мај.
 
Посадете го на место со многу сонце, иако може да расте и во лесна сенка, најдобро во есен или пролет. Земјата треба да биде влажна и добро дренирана. Садењето се врши на растојание од 1,5 до 5 m, зависи кој вид го садите и колку место му треба да се разграни. Откако ќе го посадите треба обилно да се полева.
 
Се размножува најчесто со резници, од март до јуни. Резниците се долги 20-25 cm, со по 5-6 ливчиња. Добро би било долниот дел на резницата да се потопи во хормон за закоренување, па потоа да се посади во мешавина од хумус и земја. Потоа се покрива со најлон и се остава на некое потопло место. Најлонот треба да се крева секојдневно за да влегува воздух. И тогаш има потреба од сончеви зраци, но не пресилни. Земјата не треба да биде премногу влажна бидејќи може да предизвика трулење, но полевањето е задолжително. Освен со резници, се размножува и од семе и со калемење. Пресадувањето се врши во пролет, а младите растенија лесно го поднесуваат.
 
Јоргованот расте многу брзо. Во пролет ставете слој на малч (суви гранчиња и исечени дрвца) и компост околу стеблото. Треба и да се прихранува со ѓубриво богато со фосфор за да биде богат со цветови, но ова треба да се повтори и откако цветањето ќе заврши.
 
Кога ќе заврши цветањето може да го скроите ако има некоја гранка која ви пречи или сакате да го размножите. Само внимателно бидејќи со кастрењето се раѓаат млади гранки кои ќе цветаат по 1 до 5 години, а некастрените гранки цветаат секоја година. Сепак, со кастрење на 1/3 од старите гранки јоргованот се подмладува. Ако има млади изданки околу коренот потребно е да се отстранат за да не ја црпат енергијата на матичното растение. Гранките треба да се разретчат за да се овозможи секоја од нив да прими доволно светлина. 
 

Извор: www.sezadomot.com.mk