"Двоумење" - нова стихозбирка на Ива Дамјановски

 Неодамна, од печат излезе стихозбирката „Двоумење“ од Ива Дамјановски, во рамки на едицијата „Гравири“ на ПНВ Публикации. Подолу во текстот за вас издвоивме три песни од стихозбирката.
 

„Ива Дамјановски е од оние автори на кои им се радувате кога ги читате. Се радувате што некој толку талентиран решил да пишува. Таа е музичар по образование, па не е чудно што поезијата ѝ е еуфонична и што е полна со рими и со игри на зборови. Пишува едноставно, со обичен, секојдневен јазик, но пишува строго и луцидно созерцнува во стварноста што ја живее. Таа созерцателна моќ е најважниот талент од изобилството таленти што Ива ги поседува.

Во песните се чувствува и разочарувањето од физичката стварност, од хаосот во светот, се чувствува и гневот во немоќта нешто да се смени во светот полн војни и очигледни неправди, но се чувствува и потребата да му се пркоси на тој хаос, ако со ништо друго, тогаш барем со уметност. Да му се каже на светот: тука сме и гледаме што се случува, гледаме што правите. И сето тоа да се зачини со суптилен хумор и со слатко-кисела иронија и насмевка скриена под мустаќ.“, вели Ѓоко Здравески за поезијата на Ива Дамјановски.
 
 
Додека, пак, Јулијана Величковска ќе подвлече: „Ива пишува со хируршка прецизност, а текстот го третира со војничка дисциплина. Секој звук и секоја тишина во нејзината поезија се пресметани, а зборовите како камчиња за мозаик се одбрани. Секое нивно значење и секоја повеќезначност се намерни. Сѐ е подредено во служба на идејата и пораката. Лирското јас осцилира како клатно: од јас до ти, од јас до ние, вие, тие... Нејзината поезија е филозофска, а, сепак, полна со емоции. Нејзината мисла е јасна, чиста и насочена. А поетското око на Ива Дамјановски има ретка супермоќ, ги гледа обете страни на паричката истовремено.“



  
 Ива Дамјановски (1996) е родена во Скопје. Дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Автор е на стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок), добитник на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис и на второто и дополнето издание на истоимената стихозбирка издадена во 2019 г. од ПНВ Публикации. Автор е и на една научна статија и труд од областа на музиката.

Нејзината поезија е преведена на српски, на хрватски и на словенечки јазик. Застапена е во ревијата „Рукописи 40“ (2017), како и во панорамата „32 македонски поети. Гласови на новиот век“ (2018, ПНВ Публикации). Учествувала на „Астални проекции“ и нејзината поезија е застапена и во монографијата за оваа манифестација (2019, Бегемот), а учествувала и на многу други поетски читања во Скопје. Дел е од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda“ и на концертните проекти „Монохроматика“ и „Монолози“ изведени во 2018 г.
 
 
Без почеток
 
 
Прво мора да биде крај.
А смртта е стрмна, но
Лебдиме како да сме тешки
И невидливи,
Неизбежни и невозможни,
Додека
Разбирањето се раѓа
Од утробата на
Мајката што
Од утробата на
Разбирањето се раѓа
Додека
Неизбежни и невозможни,
И невидливи,
Лебдиме како да сме тешки
А смртта е стрмна, но
Прво мора да биде крај.
 
 

 
 
 
Вечно ловиште
 
 
Часовите ги поминувам во трпеливо чекање.
Се кријам меѓу гранките,
имам земја на лицето,
пленот го сонувам
и никогаш ништо не уловувам.
 
Деновите ги поминувам во трпелива глад.
Во очите имам музика и чад.
Бавно и нежно ги правам моите стапици
во кои се фаќаат шарените птици,
а потоа ги пуштам
и залудна е мојата пушка.
 
Вековите ги поминувам во трпеливо умирање,
скриен во мојот ров
во безнадежна игра,
во безнадежен лов
во кој се вљубувам и
самиот себеси се уривам,
бидејќи не умеам да убивам.

 
Двоумење
 
 
Сите сонца
се црвени и тркалезни
пред да изгреат.
Како и сите глави
на сите чкорчиња
пред да ги запалам.
 
Затоа понекогаш сум збунета,
дали ја палам зората
или само цигарата.