117 години од смртта на Гоце Делчев


                                                               „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен                                                                     натпревар меѓу народите“ - Гоце Делчев

 Денеска се одбележуваат 117 години од смртта на револуционерот и борец за слобода Гоце Делчев.
 
 Револуционер, патриот, неуморен борец за слободна Македонија, за подобро утре, Ѓорѓи Николов Делчев (Гоце Делчев) е роден на 4ти Февруари 1872 година во Кукуш. Израснал во многучлено семејство, како прво машко дете од деветте деца на Никола и Султана Делчеви. Имал тројца браќа и пет сестри. Татко му Никола Делчев, кукушанец, бил мошне познат и почитуван граѓанин, строг и чесен, дури се спротиставувал и на турската надменост. Бил во добра материјална состојба. Се занимавал со трговија со жито и држел крчма на житниот пазар во Кукуш. Мајка му Султана Делчева била особено хумана жена која им помагала на сиромашните луѓе и пленела со добрина и несебична љубов. Имал прекрасни родители кои го извеле на вистинскиот пат.

 Гоце бил човек кој не знаел за национализам, шовинизам и слични зла. Самиот тој велел: “Јас не ги мразам Османлиите како народ; јас војувам против османлиската тиранија како владеачки систем.” Тој е човек од кого можеме многу да научиме. Човек со големо срце полно со љубов за сите. За себе велел: “Јас по душа сум анархист, по убедување сум социјалдемократ, а по дела револуционер.”Сите го уважувале, дури и Турците имале голема почит кон личноста и делото на Гоце Делчев. Озогласениот Дервиш Ефенди бил восхитен од него: “Кажете му на тој чудесен јунак дека сакам да го видам и да му се поклонам. Ние сите, од царот до последниот заптија, одамна сме изморени, само тој не се уморува.”

 На почетокот на мај 1903 година Гоце Делчев, мошне вешто камуфлиран, планирал да се упати на Конгресот на Серскиот округ кој требало да се одржи на 6ти Мај во село Ловча. Меѓутоа, турската власт веќе одела по неговите стапки. Тој ни на сон не можел да претпостави дека врховистичката рака веќе го предала на турскиот режим. Во Солун веќе дејствувале Солунските атентатори. Францускиот параброд “Гвадалкивир”, Отоманската банка, поштата и други установи биле кренати во воздух. Вечерта на 2ри Мај 1903 година Гоце Делчев пристигнал во село Баница каде што се нашол со своите блиски соработници Димо Хаџи Димов, Димитар Гуштанов, Георги Бродлијата и др. Во меѓувреме Турците го опколиле селото. Утрото на 4ти Мај Гоце Делчев и неговата придружба биле известени за тоа. Се обидувале да го спасат селото, но Турците притискале. Настанала борба во која младиот Гоце Делчев, гордоста македонска, го загуби својот живот.