Кое глацијално езеро е најголемо по површина, а кое е на најголема надморска височина во Македонија?

 Се смета дека после Рила и Пирин, Шар Планина има најмногу глацијални езера на Балканскиот Полуостров, односно 44 само на Македонската страна на планината.

  Според површината, најголемо глацијално езеро на Шара, а воедно и во целата држава е Боговинското Езеро. Зафаќа површина од 66.880 m2, со должина 452,5 m и широчина 225 m.

  Се наоѓа северно од врвот Бристовец (2675 m), во валов со источен правец на протегање, на 1960 m надморска височина. Боговинското Езеро кон исток е заградено со челна морена, а најголема длабочина е забележана од 2,2 m. Езерото особено големо количество вода прима од Боговинска Река, која во него се влева, но и која од езерото истекува. Вода добива и од повеќе извори што се наоѓаат по страните и дното на валовот.

 Големо Корабско Езеро се наоѓа под врвот Голем Кораб (2753 m). Според височината на која се наоѓа (2530 m), претставува глацијално езеро на најголема надморска височина во Македонија.

 Должинатата на езерото во правец југоисток-северозапад изнесува 50 m. Неговата широчина е 20 m, додека длабочината му е мошне мала, само 0,2 m. Зафаќа површина од 800 m2. Кон крајот на пролетниот период, по топењето на снежните маси, нивото на водата расте за 15 до 25 сm. Водата од Големото Корабско Езеро истекува кон сливот на Длабока Река. Со вода се храни со топење на снегот и снежниците, од почетокот на пролетта до средината на летниот период.



 

Извори:
1. Колчаковски Д. (2006), Физичка географија на Република Македонија, Институт за географија, Скопје
2. http://www.igeografija.mk/Portal/?p=10067
3. https://www.igeografija.mk/Portal/?p=1038
4. https://www.igeografija.mk/Portal/?p=2300
5. https://www.igeografija.mk/Portal/?p=8125

 

 Бојана Алексова, студент на географија и член на ИЗСГ „Природник“