Земјата ја "демне" космичка непогода

  Во следните 100.000 години, се чини дека нашата планета Земја ќе има две сонца, со оглед на тоа што веројатно за тој период ѕвездата Бетелгејз најверојатно ќе доживее супернова експлозија.

 Оваа ѕвезда е речиси 20 пати помасивна од Сонцето, но има животен век од само 10 милиони години. При таква експлозија на супернова, со оглед на малата оддалеченост на оваа ѕвезда од Земјата, ноќното небо би било мошне осветлено. Веројатно, ѕвездата би била јасно видлива и преку ден. Научниците предвидуваат дека најверојатно суперновата ќе се случи токму за околу 100.000 години, но возможно е да биде и многу порано.


 
  Бетелгејз е десеттата најсветла ѕвезда на ноќното небо и по Ригел, втора најсветла во соѕвездието Орион. Таа е јасно црвеникава променлива ѕвезда. Во инфрацрвениот спектар, Бетелгејз дефинитивно е најсветлата ѕвезда на ноќното небо. Класифицирана како црвен супер џин од спектрален тип М1-2, Бетелгејз е една од најголемите ѕвезди видливи со голо око. Ако замислиме дека се наоѓа на местото на Сонцето, тогаш нејзиниот радиус би достигнувал до астероидниот појас и би ги зафатила орбитите на Меркур, Венера, Земја, Марс, а можеби и Јупитер. Почнувајќи од октомври 2019 година, оваа исклучително сјајна ѕвезда започна значително да се затемнува, а до јануари 2020 година нејзината осветленост се намали за магнитуда од приближно 2,5.
 
 Според најновите истражувања, Бетелгејз престана да се затемнува и повторно почна да станува посјајна ѕвезда. Инфрацрвените набљудувања не пронајдоа значителна промена во осветленоста во последните 50 години, што укажува на тоа дека затемнувањето се должи на промена во траењето на животниот век на ѕвездата, а не од реална промена во сјајноста на ѕвездата.



 Супернова е моќна и светлечка ѕвездена експлозија. Овој минлив астрономски настан се појавува во последните еволутивни фази на масивна ѕвезда, или кога кај белото џуџе престанува нуклеарна фузија. Во тој редослед на настани, супермасивната ѕвезда (белото џуџе) преминува во неутронска ѕвезда или црна дупка. Врвот на оптичката сјајност на суперновата може да биде спореден со оној на целата галаксија.
 
 Доколку се случи такво нешто, освен појавувањето на нова ѕвезда на небото, би имало и бројни последици на Земјата. Какви последици би имало на Земјата, и после колку време ние би ја виделе таа експлозија, останува да се размисли и да се види.
 
 
Подготвиле:
 
Бојана Алексова и д-р Ивица Милевски

Извор: www.igeografija.mk