Центарот за јавно здравје со мобилни екипи излегува во пресрет на старите лица, лицата со хендикеп и бремените жени

 Со цел да се намали ризикот од ширењето на корона вирусот и заштити популацијата на стари лица, како ранлива и најпогодена категорија од епидемијата на корона вирус, но и на бремените жени и лицата со хендикеп, Центар за јавно здравје Охрид излегува во пресрет со своите услуги за овие категории пациенти. 

 Од Центарот информираат дека за лицата над 65 годишна возраст како и за лицата кои немаат неопходна друга потреба да излегуваат од своите домови, бремените жени како и лица со хендикеп, кои имаат потреба од користење на услугите на микробиолошката лабораторија во ЦЈЗ Охрид, дека услугата/анализата ќе им биде извршена без да излегуваат од своите домови и доаѓаат во установата.

 Секој работен ден од 8:00 до 13:00 ч. горенаведените категории на пациенти можат да се јават на еден од  телефоните 046231030, 078488255 или на е-маил: mikroohrid@gmail.com, каде  операторите на ЦЈЗ ќе ги евидентираат личните податоци и адреса на живеење на пациентот, како и податоците за видот на микробиолошката анализа која треба да се направи, согласно упатот од матичен лекар,  по што мобилна екипа на Центар за јавно здравје Охрид ќе дојде на домашна адреса на пациентот да го земе потребниот материјал за анализа.

Веднаш по завршување на анализата, наодите ќе бидат испратени на е-маил или доставени на домашна адреса на пациентот.

Од Центарот за јавно здравје апелираат за максимална сериозност во почитување на мерките и препораките за заштита од корона вирусот донесени од Владата на РСМ.