Зошто овој февруари има 29 дена?

 На секои четири години, месец февруари наместо 28 има 29 дена и таа година ја нарекуваме престапна, бидејќи наместо 365 има 366 дена. Таква е и оваа 2020 година, кога последен ден на февруари ќе биде 29-тиот.

 Во светот има околу 4 милиони луѓе родени на 29 февруари и за нив се верува дека се креативни, способни, среќни и  дека поседуваат особени таленти.
 
 Без оглед дали има 28 или 29 дена, се поставува прашањето зошто февруари има најмалку денови од сите месеци во годината. Причините се историско-традициски, но и астрономски. Имено, во периодот на античкиот Рим, месеците не биле толку важни. Според одредени извори, митскиот основач на Рим, Ромулус, одлучил дека има потреба од календар. Со оглед на многуте празници во текот на годината, му бил потребен начин за да следи кога и што се случува. Така, бил создаден првиот Римски календар кој бил лунарен (според циклусите на Месечината), содржел 10 месеци од по 30 и 31 ден или вкупно 304 дена. Истиот почнувал во март со пролетната рамноденица и завршувал во декември. Во тоа време, зимата била неименувана и се сметала како период за кој никој не се грижел многу, па 61 ден останувале како денови без да припаѓаат на некој месец. Подоцна, императорот Нума Помпилиус, увидувајќи ја непрецизноста, го проширил календарот на 12 месеци, а годината добила 355 дена. Така, ги додал месеците јануари и февруари (како последни во годината), но поради суеверноста кон парните броеви, сите месеци имале по 29 или 31 ден. За да ја достигне бројката од 355, еден месец морало да биде парен. Тоа му припаднало на февруари, веројатно затоа што бил последен месец во календарот, но и месец во кој имало многу обреди за умрените и за „прочистување на душите“. Всушност, самиот збор februare, на локалниот јазик значело прочистување. Секако, 355-дневниот календар имал и свои грешки. Неколку години подоцна, годишните времиња и месеците не можеле да останат синхронизирани. За таа цел, Римјаните, поточно високите свештеници повремено вметнувале месец од 27 дена, наречен Mensis Intercalaris (марцедониус), при што ги бришеле последните неколку дена од февруари.


 
 Очигледно, овој календар бил непрецизен, создавајќи многу нарушувања и проблеми во јавниот живот. Сметањето на времето според него, по извесно време станало толку тешко што, навистина повеќе никој не се снаоѓал. Последица на несоодветноста на овој календар било и тоа што месеците не се поклопувале со годишните времиња; или на пример празникот на жетвата почнал да паѓа во зима. За да се надмине оваа хаотичност во стариот римски календар, во 46 година п.н.е. Цезар го повикал александрискиот астроном Сосигин (Sosigenes) и му предложил да го реформира стариот римски календар. На тој начин Сосигин создал нов календар, кој во чест на римскиот император е наречен Јулијански. Така, Јулие Цезар од дотогашниот лунарен, преминал на нов соларен календар. Денес овој календар се вика уште стар календар. Јулијанскиот календар има 365 дена. Бидејќи Цезар (односно Сосигин), за основа на јулијанскиот календар ја зел тропската година која има 365,25 дена, по четири години се појавил еден ден повеќе отколку што имал календарот. Тој ден се додавал на секоја четврта година, која има 366 дена и е наречена престапна година. Првите три се нарекуваат прости години. Денот што се јавува како разлика се додава на месец февруари, па во престапната година овој месец има 29 дена.
 
 Престапните години се начин за да се усогласат календарската година со астрономската година. Вистинската, односно астрономската година, која означува период во кој Земјата се врти околу Сонцето (Земјина револуција), трае околу 365,2422 дена, така што при календар заокружен на 365 дена, би дошло изместување на сезоните, односно годишните времиња. Едноставно кажано, доколку не се интервенира во пресметувањето на календарската година, со текот на времето би можело да се случи Нова Година да падне во лето или слични промени. Тоа се решава со вметнување (интеркалација) на еден дополнителен ден, кој ја зголемува годината на 366 дена. Во јулијанскиот и грегоријанскиот календар, тој ден се додава на февруари, кој во престапна година трае 29, наместо 28 дена.
 
Подготвил: д-р Ивица Милевски

Извор: www.igeografija.mk